
Атлетико со фокусот насочен на реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите против Барселона. Севиља во борба за „гол живот“ во елитното фудбалско друштво во Шпанија. 31. коло донесе дуел помеѓу апсолутен фаворит и аутсајдер – но, само на хартија. Атлетико Мадрид изнесе дотолку мешан состав, што дел од фановите во коментарите на официјалните канали за комуникација на клубот, потсмешливо констатираа дека играат со третиот тим. Севиља од зоната за испаѓање го дочека мечот, а со сè уште свежата енергија на новиот менаџер Луис Гарсија Плаза кој дојде на крајот на март со една цел – да се опстане во последните кола од сезоната. Негов колега на клупата од спротивниот табор на мечот против Атлети не беше Диего Пабло Симеоне кој е суспендиран, туку асистентот Нелсон Вивас. Атлетико Мадрид е комотен на четвртата позиција на табелата и со реални шанси да го престигне Виљареал, додека пак Севиља е во друштвото од шест клубови кои се на само неколку бода од црвената зона на испаѓање.
Посед без идеја: Како Севиља го казни Атлетико
Поставени во формација 5-4-1 со робусен центарфор напред, играчите на Севиља не истрчаа на теренот за да играат убав и допадлив фудбал, туку со намера на кој било начин да дојдат до бодови. Успешно го затворија меѓупросторот, оставајќи ги крилата на противникот како единствен излез. Главна оска во играта на домаќините беа страничните играчи Исак Ромеро и Рубен Варгас и тоа претежно во изнесување на топките во контра, како и шпицот Акор Адамс во улога на главна мета. Капитенот Гудељ иако стрелаше во мрежата на противникот, сепак имаше една главна задача и тоа во дефанзивата. Во целиот натпревар беше „верна сенка“ на Александер Сорлот, успешно го неутрализираше и со тоа ја намали вредноста на нафрлувањата.
Атлетико Мадрид истрча во формација 4-2-3-1, со намера да креира. Имаа посед, но без вертикална прогресија низ средината, што ги принуди на предвидливи центаршутеви. Мексиканецот Обед Варгас го контролираше темпото во средниот ред на гостите од Мадрид, а во првата постава на Атлетико имаше само уште двајца до тројца „тешкаши“ кои често играат првотимски фудбал: Сорлот и Баена во нападот, како и Тијаго Алмада во средината.
Севиља во натпреварот влезе во лов на вторите топки, како континуитет на определбата да се поврзуваат на теренот со долги додавања и преку агресивна и директна игра. Така дојде и пеналот на самиот почеток во деветтата минута, по нерасчистена висока топка во шеснаесетникот на домаќините, а потоа следуваше фаул кој ВАР само го потврди: пенал за домаќините на „Рамон Санчез Пизхуан“.
Измешаниот состав на Атлетико брзо се консолидираше и креираа во голем дел од мечот, потпирајќи се на високиот посед на топката. Многу центаршутеви во потрага по високиот норвежанец Сорлот во шпицот на нападот. Израмнувачкиот погодок сепак дојде преку дебитантот на десната бековска позиција, Боњар. Токму еден од центаршутевите заврши успешно – левиот бек центрираше, десниот бек се уфрли во шеснаесетникот и пласираше со глава, на само десет минути до паузата помеѓу двата дела.
Севиља поведе повторно: 2:1 со гол на Гудељ по нафрлување од корнер, откако Баена од Атлетико не успеа да го покрие навреме. Резултатот од првото полувреме остана ист и по последниот свиреж на судијата.
Играта на Севиља во текот на целиот натпревар се карактеризираше со висока тактичка дисциплина, претпазливост и ниско темпо. Ја затворија средината и со тоа ја неутрализираа играта на противникот и нападите по крила. Играчите на Атлетико многу трчаа на теренот, повеќе креираа и не дојдоа во Андалузија за да се бранат, иако резултатот на семафорот не го отслика тоа. Кај гостите од Мадрид бековите истрчуваа и се приклучуваа во нападот, а на теренот се поврзуваа со кратки пасови во меѓупростор. До крајот на мечот Севиља можеше да постигне и трет гол, но ја погодија само стативата. Атлетико се обиде да дојде до реми, но и внесувањето на брзиот и продорен Адемола Лукман на крило, не резултираше со промена на исходот.

Реална победа на Севиља
Севиља беше подобра, а резултатот сосема реален. Погледот на табелата можеби сугерираше фаворитска улога на Атлетико, но сите околности околу натпреварот водеа кон поинаков исход. Трите бода имаа далеку поголемо значење за домаќините од Андалузија во нивната борба за опстанок. Атлетико, пак, е сигурен на четвртата позиција и со фокусот веќе во одбрана на предноста од 0:2 која ја носат од „Камп Ноу“ во четвртфиналето на ЛШ.
П.Д.
