
На крилата на успехот во Лигата на шампионите и пласманот во четвртфиналето, неделната вечер во Ла Лига, Реал Мадрид и Атлетико Мадрид ја имаа резервирано за мадридското дерби. Меч со многу набој, честопати и со многу голови, но овојпат со различно значење. За Реал, дуел во кој мора да го одржи чекорот со Барселона за врвот на табелата. За Атлетико значаен поради „градската превласт“ и гордоста, но сепак со помал притисок од ривалот. Избраниците на Чоло Симеоне се далеку од борба за титулата и целат кон третата позиција која во моментов ја зазема Виљареал, со еден бод пред Атлети. Мислите на гостите од „Метрополитано“ веќе се насочени према Барселона и Лигата на шампионите каде што ќе се обидат да направат изненадување и да се пласираат во полуфиналето. Арбелоа после Атлетико има уште девет натпревари да ја стигне Барселона која бега само четири бодови на првото место и со тоа да покаже дека заслужува да остане на клупата на Реал Мадрид и после јуни.
Микро-битките што го решија дербито: од трпеливост до пресврт
Висок интензитет во воведните десетина минути од првото полувреме и по една сериозна шанса за двата тима. Реал стандардно се постави со висока одбранбена линија и агресивен пристап во освојувањето простор. Домаќините ја бараа својата шанса преку брзи додавања, центаршутеви, истрчувања на поединци длабоко во половината на гостите. Атлетико избра трпелива игра: комбинации, кратки додавања, бавно изнесување на топката од дефанзивната зона.
Во воведните минути, Федерико Валверде наговести дека има намера да ја продолжи добрата форма во која се наоѓа периодов. По трк од десната крилна позиција се најде сам пред голманот Мусо и во обид да пласира, шутираше само во подалечната статива. Токму уругваецот беше клучно оружје во планот на Арбелоа за изнесување на топката во нападот по десната страна. На левата страна тоа го правеше бразилецот Винисиус. Јужноамериканска крилна доминација.
На стопроцентната шанса на Реал, Атлетико возврати преку изработена акција која заврши со одбрана на Лунин. Играчите на Чоло Симеоне згазнаа сигурно на топката, со намера да ги минимизираат грешките. Во одбрана играа одмерено и со внимателно одбран тригер за вклучување на пресинг-играта – главно во моментите кога топката беше во нозете на неколкумината офанзивци како Винисиус, Арда Гулер, Валверде и Диаз. Поставени позиционо во формација 4-4-2 се бранеа речиси со сите играчи зад топка, а линиите поставени во низок блок.
Акциите започнуваа од централните дефанзивци, средината креираше, а во шпицот на нападот без стандарден центарфор туку потпрени на експлозивноста и брзината на Винисиус, како и техничките квалитети на Брахим Диаз. Играчите на Атлетико одбраната ја решаваа со удвојувања во дефанзива и со освојување на вторите топки.
Голот на Атлетико Мадрид дојде во 33 минута од натпреварот, преку акција која се одвиваше нетипично за играта на гостите во првото полувреме. Една од ретките долги топки, попречно додавање кое ја префрли средината заврши на левото крило. А, таму Адемола Лукман покажа исклучителен тајминг – го почека левиот бек да се уфрли во простор и да центрира во шеснаесетникот. Токму нафрлената топка по додавање со пета од Џулијано Симеоне, повторно заврши во нозете на Лукман кој само ја втурна во мрежата. 0:1 за гостите од „Метрополитано“.
Реал продолжи да напаѓа, Гулер се обиде да ги поврзе соиграчите во меѓупростор, Валверде да ја искористи експлозивноста, а бековите да ја рашират играта на „Кралскиот клуб“. Сепак, Атлетико добро ги држеше конците на мал простор и не дозволи домаќинот да постигне погодок до полувреме.
Второто полувреме започа со инстантен резултатски егал. Брахим Диаз падна во шеснаесетникот по дуел со Ханцко. Останаа дилемите дали беше доволно остар стартот, но судијата беше сигурен во одлуката и ВАР ја потврди. А, високиот пресинг на Реал кој продолжи и во второто полувреме донесе и пресврт откако Валверде ја искористи грешката и предадената топка од дефанзивците на Атлетико.
Кризата на почетокот на второто полувреме која се отслика и на семафорот резултираше со „шок-терапија“ кај гостите. Симеоне веднаш се одлучи на тројна измена и капитализираше. Еден од играчите којшто ги внесе, Молина, постигна гол со удар од триесет метри. Атлетико пристапи порешително по резултатската негатива, започнаа со удари од дистанца и од тоа произлезе гол за најавните шпици. Сепак, внесувањето на тројца нови играчи на теренот не ја наруши концепцијата од почетокот на мечот и Атлетико остана доследен на својот пристап.
Клучниот момент дојде во 60 минута, кога во игра влегоа Трент и Мбапе. Со тоа, Реал доби нова димензија во нападот. Класичен напаѓач на местото на играчот за врска Питарч, како и замена позиција-за-позиција на местото на Карвахал. Токму по еден продор на Трент кој внесе поголема креативност од подлабоки позиции, следуваше дијагонално додавање до Винисиус. Бразилецот ја префрли топката на десна нога и погоди за 3:2.
Во завршницата, натпреварот доби дополнителна драма. Исклучувањето на Валверде го принуди Реал да се повлече и да ја намали агресијата. Атлетико ја презеде иницијативата, но во обидот да израмни, го загуби структурниот баланс. Наместо организиран притисок, следуваа индивидуални излети.
И покрај неколкуте обиди на гостите, резултатот остана непроменет. Реал успеа да ја зачува предноста благодарение на подобрата адаптација во второто полувреме и поголемиот индивидуален квалитет.
Играч од сенка беше Хулиан Алварез. Иако без гол, неговото движење помеѓу линиите создаваше проблеми за одбраната на Реал. Со неколку удари од дистанца, вклучително и една статива, покажа дека е постојана закана, дури и кога не е директно инволвиран во завршницата.

Куриозитет на натпреварот – замените во прв план
„Ловците“ на пикантерии уште во прв момент кога излегоа поставите на двата тима можеа да повлечат линија на логички заклучок дека натпреварот ќе донесе доста голови. Имено, помеѓу стативите и кај Реал и кај Атлетико на дербито настапија заменските голмани. Своја шанса доби Лунин кај „кралевите“ наместо Куртоа, а Мусо го замени стандардниот Облак на голот на Атлетико Мадрид. И двајцата стандардни чувари на мрежата отсуствуваа поради мускулни проблеми.
П.Д.
