Почеток што ги оправда очекувањата, но донесе и неколку големи приказни
Заврши групната фаза на Светското првенство 2026, првото Мундијалско издание со 48 репрезентации поделени во 12 групи. Новиот формат донесе поголем број натпревари, повеќе дебитанти и поголема неизвесност во борбата за елиминациската фаза.
Во групите A-F фаворитите во најголем дел ја оправдаа својата улога, но не изостанаа ниту неколку историски резултати и изненадувања. Дел од селекциите без поголеми проблеми ја потврдија својата класа, додека други целосно потфрлија уште во првите три натпревари.

Фаворитите ја завршија работата, аутсајдерите ја раскажаа приказната
Во првата половина од ждрепката се најдоа и трите домаќини на шампионатот – Мексико, Канада и САД. Сите успеаја да обезбедат место во елиминациската фаза, иако со различен впечаток.
Најмногу импресионираше Мексико. Максимални девет бодови, шест постигнати голови и ниту еден примен погодок се показатели на репрезентација која не само што ја помина групата, туку испрати сериозна порака дека може да биде еден од најнепријатните противници во нокаут фазата.
Бразил, Германија и Холандија исто така не оставија простор за поголеми изненадувања. Ниту една од овие селекции не играше со максимален интензитет во сите три натпревари, но секогаш делуваа дека имаат уште една брзина повеќе кога тоа беше потребно.
Најпријатното изненадување беше бодот што Курасао го освои против Еквадор. Иако репрезентацијата заврши последна во групата, настапот против фаворитот покажа огромен карактер, а голманот Рум со рекордни 15 одбрани го одигра еден од најдобрите индивидуални натпревари на шампионатот.
На спротивната страна е Тунис. Три порази, гол-разлика -10 и целосен недостаток на идеја во сите три натпревари ја прават оваа селекција најголемото разочарување во првите шест групи.
Историски моменти што ќе останат запаметени
Групната фаза не ја одбележаа само фаворитите, туку и неколку репрезентации кои испишаа сопствена историја.
Јужна Африка по поразот од Мексико изгледаше како селекција што тешко ќе освои бод. Но токму тогаш покажа карактер. Со многу подисциплинирана игра, освоен бод против Чешка и победа над Јужна Кореја, успеа да обезбеди историски пласман во елиминациската фаза.
Истото важи и за Босна и Херцеговина. Освоениот бод против домаќинот Канада беше темелот врз кој ја изгради целата групна фаза. Иако не успеа да му парира на поквалитетниот тим на Швајцарија, победата над Катар беше доволна третото место да се претвори во билет за нокаут фазата.
Курасао, и покрај последното место, ги освои симпатиите на неутралните љубители на фудбалот. Освоениот бод против Еквадор и борбеноста што ја покажаа во секој натпревар се доказ дека резултатот не е секогаш единственото мерило за успешен настап.
Најголемото разочарување без дилема е Турција. Репрезентација од која многумина очекуваа пласман меѓу шеснаесетте најдобри, натпреварувањето практично го загуби уште по второто коло. Поставија рекорд по бројот на упатени удари без постигнат погодок во првите два натпревари, а токму недостигот на реализација ја чинеше предвремена елиминација.

Тактичките трендови од првите шест групи
Првата половина од групната фаза донесе вкупно 108 голови, односно просек од три погодоци по натпревар. Но бројките не ја раскажуваат целосно приказната.
Она што најмногу се издвојува е разликата во пристапот помеѓу фаворитите и останатите селекции. Германија, Бразил, Холандија, САД и Мексико не се обидуваа да ги решат натпреварите со постојан висок интензитет. Напротив, внимателно го темпираа ритамот, ја контролираа играта преку посед и го зголемуваа притисокот само кога беше потребно.
Германија е најдобар пример за тоа. Откако практично го обезбеди првото место по две кола, селекторот не калкулираше со составот, туку го искористи последниот натпревар за тестирање различни тактички варијанти и автоматизми што би можеле да бидат пресудни во елиминациската фаза.
Од друга страна, Турција покажаа дека поседот и бројот на удари не значат многу без јасна организација. Тунис изгледаше бавно, безидејно и тактички неорганизирано, додека Турција создаваше доволно ситуации, но без вистинска структура во последната третина. Недостигот на квалитетна завршница и лошите одлуки во клучните моменти ги оставија далеку под очекувањата.

Што нè очекува во елиминациската фаза?
По она што го видовме во првите шест групи, Бразил остава впечаток на најкомплетна репрезентација. Иако не блескаше во првото коло против Мароко, во продолжение покажа дека располага со доволно квалитет, длабочина и тактичка разновидност за да биде еден од главните кандидати за титулата.
Холандија против Мароко ветува еден од најинтересните дуели во осминафиналето, додека Германија на хартија има најповолен противник во селекцијата на Парагвај.
Домаќините, и покрај фаворитската улога, нема да имаат лесна задача. Јужна Африка, Босна и Еквадор веќе ги надминаа очекувањата, а токму таквите репрезентации најчесто се најопасни во елиминациските натпревари. Кога ќе исчезне притисокот, останува само желбата да се испише нова страница од историјата.
А.М.
