FPL Контра Фаул – GW27

Следува ново коло од Премиер Лигата, а по една недела пауза поради натпреварите во ФА Купот, Fantasy сцената повторно се враќа во полн ритам. Овој краток прекин донесе простор за ресетирање, анализа и појасна слика за формата на екипите, но истовремено и нови дилеми околу ротации, физичка подготвеност и тактички корекции.

FPL Контра Фаул — Преглед по категории (GW27)

Категорија Играч Тим Цена Форма Клучна логика
Купи Вирџил Ван Дајк Ливерпул £5.9m 7.5 Закана од прекини + добар распоред
Задржи Давид Раја Арсенал £6.0m 3.4 Улога која може да донесе поени
Продај Доминик Калверт-Луин Лидс £5.9m 2.8 Непозната физичка спремност + тежок распоред
Избегни Флоријан Вирц Ливерпул £8.4m 4.8 Висока цена со неконстантна форма

Ливерпул сезонава дефанзивно не функционира на препознатливото ниво – 35 примени голови на 26 натпревари се сериозен аларм за тим што до неодамна доминираше во лигата. Сепак, Ван Дајк останува константа. Нема пропуштено ниту еден лигашки меч и доколку остане здрав, минутите му се практично загарантирани до крајот на сезоната.
И покрај слабостите на тимската одбрана, неговиот висок број на дефанзивни интервенции носи стабилен Fantasy принос, особено со новиот систем на бодирање. Дополнително, постојано е закана од прекини, а распоредот што следи за Ливерпул е меѓу поповолните во лигата.
Ван Дајк има форма од 7.5 поени и неговата цена изнесува 5.9 милиони.


Раја моментално е меѓу најпродаваните голмани, главно поради двојното коло во кое Арсенал не успеа да задржи чиста мрежа и прими три гола. Реакцијата на Fantasy менаџерите е разбирлива, но не значи и дека е правилна.
Токму во вакви фази сериозните екипи се враќаат преку стабилна одбрана, а Раја е централна фигура во тој процес. Иако следуваат дерби натпревари против Тотенхем и Челзи, ова се мечеви каде Арсенал мора да покаже зрелост ако навистина атакува на титулата. Потценувањето на дефанзивниот потенцијал во вакви дуели често се плаќа со пропуштени поени.
Раја има форма од 3.4 поени и неговата цена изнесува 6.0 милиони.


Калверт-Луин имаше моменти што потсетија на неговите најдобри денови – 10 голови на 23 настапи се солидна бројка и најдобар учинок во тимот на Лидс. Сепак, моментумот веќе почнува да се лизга.
Пропуштениот меч против Челзи и нецелосно одиграниот натпревар во ФА Купот отвораат прашања околу неговата физичка состојба. Иако се очекува да започне во следното коло, ризикот од ограничени минути е реален. Кога на тоа ќе се додаде тежок распоред со Астон Вила и Манчестер Сити, добиваме профил на играч кој е ризично да се заджи во тимот.
Калвер Луин има форма од 2.8 поени и неговата цена изнесува 5.9 милиони.


Вирц сезонава е типичен пример за нестабилен Fantasy профил. Започна слабо, а иако во последните кола знае да испорача гол или асистенција, континуитетот целосно изостанува. Проблемот не е само во формата, туку и во односот цена–перформанс, кој во моментов не оди во негова корист.
Со оглед на високата цена, неговото внесување во тимот значи жртвување на средства што можат да се реинвестираат во поефикасни и посигурни опции. Во оваа фаза од сезоната, ваквиот профил е повеќе ризик отколку стратешка предност.
Вирц има форма од 4.8 поени и неговата цена изнасува 8.4 милиони.


Најдобра опција – Жоао Педро (Челзи)

Формата на Педро во Fantasy контекст е токму она што се бара од капитен. Гол или асистенција на четири од последните пет лигашки натпревари покажува конзистентност, а не моментален блесок. Дополнителен плус е дуелот против една од најслабите екипи сезонава – Барнли – што ја прави оваа опција комбинација од сигурност и висок плафон за поени.

Добра алтернатива – Кол Палмер (Челзи)

По паузата поради повреда, Палмер се врати директно во ритам и веќе нанижа пет настапи во сите натпреварувања. Она што е поважно – продукцијата е на врвно ниво: четири гола и една асистенција на последните два меча. Дури и ако дел од головите дојдоа од пенал, во Fantasy тоа е чист капитал. Палмер повторно е центар на офанзивната игра на Челзи и сосема валиден капитенски избор.

Ризична опција – Морган Роџерс (Астон Вила)

Роџерс игра солидно на терен, но бројките во Fantasy одамна не го следат впечатокот. Нема врзано серија со голови или асистенции и продукцијата е непостојана. По тивкиот настап во претходното коло, дуелот со Лидс Јунајтед може да понуди простор за поени, но во моментов Роџерс останува избор со ограничена сигурност и поголем ризик од просекот.