
На „Сигнал Идуна Парк“ повторно се играше Der Klassiker – меч што со години ја дефинира Бундес Лигата и одлучува повеќе од три бода. Атмосферата, како и секогаш, беше на највисоко можно ниво, кореографии, притисок од трибините и чувство дека ова е последниот воз за вистинска шампионска трка. Борусија Дортмунд влезе со јасна намера да ја врати неизвесноста од првенството, додека Баерн Минхен дојде со ладнокрвност и самодоверба на тим што знае како треба да се однесува со оглед на ситуацијата на табелата.
Она што следеше беше натпревар со интензитет, пресинг и моменти на чиста класа. Дортмунд го имаше моментумот, публиката и енергијата. Баерн ги имаше квалитетот и ефикасноста. И токму таа разлика повторно се покажа како пресудна.
Интензитетот и моментумот на страна на Дортмунд
Од самиот старт Борусија не дозволи мечот да се игра исклучиво во ритамот на Баерн Минхен. Иако Баерн ја имаше почетната контрола на поседот, Дортмунд тактички беше дисциплиниран: низок до среден блок, затворен централен коридор и јасна ориентација кон транзиција по освоена топка.
Клучниот елемент беше реакцијата по загубена топка. Во првите 30 минути Дортмунд не се повлекуваше панично, туку веднаш притискаше токму во зоната на изгубениот посед. Тоа резултираше со освоени втори топки и брзи вертикални напади, најчесто преку Адејеми, кој константно ја напаѓаше длабочината зад високата линија на Баерн.
Водството што го имаа во првиот дел не беше случајно. Центаршутот од прекин дојде по фаза во која Дортмунд веќе го крена интензитетот, ја оттурна играта повисоко и ги добиваше дуелите во воздух. Шлотербек беше логична закана во таа структура. По водството, најинтересниот тактички момент беше одлуката да не се затворат. Наместо длабок блок, Борусија премина во повисок пресинг, со покомпактна линија помеѓу средината и одбраната. Џан ја носеше стабилноста во одбрарана и организацијата во последната линија, а Сабицер и Нмеча излегуваа агресивно на носителите на топка на Баерн. Во таа фаза гостите имаа посед, но не и простор меѓу линиите. Нападите беа принудени на ширина, со центаршутеви и обиди преку бековите. Централната зона беше затворена, а Кејн ретко добиваше топка со лице кон голот.
Суштината на моментумот на Дортмунд беше во три елементи: агресивна реакција по загубена топка, вертикалност веднаш по освојување на поседот и храброст да се продолжи со притисокот и по водството.
Но, ваквиот пристап носи висока физичка цена. Темпото беше одржливо 45-60 минути, но не и 90. И токму во тој период почна да се менува балансот на натпреварот.

Ефикасност и структурна зрелост на Баерн
Баерн Минхен не го наметна својот ритам во континуитет, но покажа нешто поважно – способност да преживее фаза во која противникот е во подем, а потоа да го казни минималниот простор што ќе се отвори.
Во првото полувреме Баерн ја имаше контролата на поседот, но не и контролата на зоните помеѓу линиите. Кимих и Павловиќ ја диктираа циркулацијата, но Дортмунд ја затвораше централната оска. Затоа нападите се префрлаа на ширина, со високо поставени бекови и крилни играчи кои што бараа 1v1 ситуации.
Клучниот момент дојде во второто полувреме. Додека Дортмунд продолжи со висок интензитет, Баерн ја смени динамиката: помалку ризик во изградба на нападите, побрзо ослободување на топката и директно барање на завршницата. Голот на феноменалниот Хари Кејн не беше производ на долга доминација, туку на прецизно искористена ситуација во која, пред се, последната линија на Дортмунд остана за нијанса растегната.
По израмнувањето, Баерн не влезе во хаотична размена. Напротив, темпото се рационализираше. Притисокот на Дортмунд постепено почна да губи острина, а Баерн стрпливо ја чекаше следната пукнатина. Пеналот што го добија беше резултат на напаѓање на полупросторот, агресивен влез на Станишиќ на кој што не му беше прв пат на натпреварот и доцна реакција на Шлотерберг. И повторно – егзекуција без грешка на неверојатнио Кејн кој што дојде до 30 гол во првенството.
Во финишот, кога Дортмунд ги внесе Белингам и Брандт и повторно го крена пресингот, натпреварот влезе во хаотична фаза. Баерн во одредени моменти делуваше повлечено, а линиите им беа за нијанса предалеку една од друга. И токму тука дојде израмнувањето каде што Сабицер како асистент и Свенсон како стрелец ја искористија ситуацијата во која бековите на Баерн беа поставени високо, а транзициската одбрана не беше комплетно организирана.
Но реакцијата на Баерн беше моментална. Наместо паника, следеше рационализација на поседот. Наместо хаотично форсирање, следеше смирување на темпото и чекање на следната структурна грешка на поставеноста на Дортмунд. Во таков ритам, кога домаќинот повторно ризикуваше со високи линии, Кимих се појави како втор бран. Неговиот гол не беше само индивидуален квалитет, туку читање на моментот – доцно влегување во шеснаесетникот, следење на целосната акција и ладнокрвна завршница. Тука се виде разликата во дисциплниата и читањето на фазите на натпреварот.
Разлика од 11 бода – трка што се претвора во формалност
Во дерби што понуди темпо, дуели и моменти на вистинска фудбалска страст, разликата повторно ја направи квалитетот во клучните ситуации. Дортмунд одигра храбро со агресивен пресинг и поддршка од трибините што го носеше тимот напред. Но, против ваков противник не е доволно само да имаш моментум – мора да го искористиш. Баерн Минхен не делуваше спектакуларно во текот на целиот меч, но беше трпелив и клинички прецизен кога им се понуди шанса за тоа. Тоа е шампионски инстинкт што се гради со години. Со оваа победа и 11 бода предност, Баерн не само што го доби Der Klassiker – туку испрати јасна порака дека титулата повотрно оди во Минхен.
A.M.
