
Бока Јуниорс го доби Суперкласико со 1:0, но натпреварот на „Ла Бомбонера“ многу рано тргна во насока во која тактиката постепено му го отстапи местото на карактеристичниот аргентински интензитет. Ривер Плејт започна агресивно, со висок пресинг и јасна намера да не му дозволи на домаќинот мирно да ја организира играта, но токму таквиот пристап го донесе моментот кој го одреди целиот натпревар.
Исклучувањето на Мартинез Куарта по само десет минути го принуди Ривер да го напушти првичниот план. Бока ја презеде топката, Паредес и Делгадо ја воспоставија контролата во средината, а Ди Лоло го постигна единствениот гол на натпреварот. Вториот црвен картон, кој Монтиел го доби во 79. минута, само го потврди она што веќе беше јасно – Ривер немаше никаков начин да го промени текот на дербито.
Пресингот на Ривер траеше само десет минути
Почетокот воопшто не најавуваше натпревар во кој Бока ќе има целосна контрола. Двете екипи сакаа да ја имаат топката, но високото темпо и агресивноста не дозволуваа ниту една страна да воспостави подолг посед.
Особено интересен беше пристапот на Ривер. Гостите притискаа високо, практично човек на човек, а Белтран и Кореа беа задолжени да го започнат притисокот врз последната линија на Бока. Идејата беше јасна – домаќинот да биде принуден што побрзо да се ослободува од топката и да не му се дозволи преку средината да го диктира ритамот. Но агресивноста многу брзо ја премина границата.
Мерентиел доби простор да тргне напред, а Мартинез Куарта го запре со старт од зад грб. Рамирез првично не досуди ниту прекршок, но по интервенцијата на ВАР ја промени одлуката и му покажа директен црвен картон на стоперот на Ривер.
Десет минути беа доволни за целата подготовка на гостите да стане практично неупотреблива.
Белтран беше жртвуван за Риверо да влезе и повторно да се формира одбранбената линија. Со една одлука Ривер загуби стопер, еден од играчите задолжени за високиот пресинг и можноста да продолжи со почетниот план.
Паредес и Делгадо го презедоа центарот на теренот
Бока веднаш ја препозна ситуацијата. Наместо непотребно да го забрзува натпреварот, почна да го користи играчот повеќе преку посед и постепено да го турка Ривер кон сопствениот гол.
Паредес и Делгадо беа клучни за таквата контрола. Двајцата добиваа сè повеќе простор во средината, а Ривер немаше доволно играчи за истовремено да ги затвори централните позиции и да ги брани останатите зони.
Притисокот конечно даде резултат во 27. минута. По корнерот на Виља, Ди Лоло најдобро се снајде во шеснаесетникот и погоди за 1:0. Симболично, токму нововлезениот Риверо требаше да го контролира стоперот на Бока во таа ситуација.
По голот разликата во поставеноста стана уште поизразена. Кореа, кој на почетокот беше дел од првата линија на пресинг, мораше да се повлекува длабоко на сопствената половина. Ривер на тој начин остана без вистинска излезна точка кога ќе ја освоеше топката.
Бока до паузата стигна до околу 70% посед, но поважно од самата бројка беше тоа што целосно го контролираше просторот во кој се играше натпреварот.

Ривер менуваше формациски, но не можеше да ја промени играта
По паузата Ривер се обиде да направи нешто поинакво. Следуваа измени, промени во поставеноста и влегување на поофанзивни играчи како Переира и Дриуси.
Проблемот беше што секој обид за напад беше ограничен од стравот што ќе се случи доколку топката биде загубена. Играчите тргнуваа напред, но истовремено размислуваа за просторот што го оставаат зад себе. Поради тоа Ривер никогаш не успеа да внесе доволно играчи во нападот за сериозно да ја наруши организацијата на Бока. Ниту еден удар и само 29% посед во второто полувреме доволно зборуваат за тоа колку малку опасност создадоа гостите.
Бока, од друга страна, немаше потреба да ризикува. Предноста беше минимална, но на теренот не изгледаше така. Домаќинот не остави впечаток дека во кој било момент може да ја загуби контролата.
Како што минуваше времето, фудбалот дополнително му отстапуваше место на физичкиот дуел. Само во второто полувреме беа покажани шест жолти картони, а Бока направи десет прекршоци.
Крајот за Ривер пристигна во 79. минута. Монтиел грубо стартуваше врз Бланко и доби директен црвен картон. Со деветмина на теренот и без претходно создадена сериозна шанса, веќе немаше простор ниту за надеж дека Суперкласико може да добие поинаков крај.
Бока ја претвори предноста на тернот во сигурна победа
Ова не беше натпревар исполнет со шанси и убав фудбал. Во второто полувреме видовме само еден удар во рамките на голот и статива на Веласко. Но во околности во кои едната екипа речиси цел натпревар играше со играч помалку, а завршницата ја дочека со деветмина, тешко можеше да се очекува поинакво Суперкласико.
Бока направи токму онолку колку што беше потребно. Го искористи играчот повеќе, ја презеде средината преку Паредес и Делгадо, стигна до водство и потоа не му дозволи на противникот да поверува дека може да се врати.
Ривер, пак, ќе има за што да жали. Не затоа што Бока создаде огромен број шанси, туку затоа што гостите практично сами си ја одзедоа можноста да го одиграат натпреварот кој го подготвиле.
Нивната агресивност на почетокот требаше да биде оружјето со кое ќе ја нападнат Бока. На крајот, токму таа агресивност стана причината поради која Суперкласико за нив практично заврши уште пред вистински да започне.
