
Рома во првото полувреме ја наметна својата игра со исклучително агресивен пристап без топка. Во формацијата 3-4-2-1, тимот на Гасперини се обиде целосно да ја задуши изградбата на нападите на Интер уште од последната линија.
Од самиот почеток, домаќинот постави висока и агресивна пресинг-структура. Кристанте и Ману Коне делуваа како двоен бедем во средината на теренот, со задача да ги затворат линиите на додавање кон Зиелински и Барела.
Во исто време, крилните бекови Молина и Весли беа поставени исклучително високо. Со тоа Рома ги турна крилните играчи на Интер длабоко кон сопствената половина и практично им ја одзеде можноста да бидат дополнителна опција при изнесувањето на топката.
Интер тешко наоѓаше решение за ваквата поставеност. Наместо постепено да ја гради играта, екипата на Киву често беше принудена да игра во тесни простори, каде што Рома веднаш го зголемуваше притисокот. Дополнителен проблем за Интер беше позиционирањето на Дибала и Суле.
Двајцата често се спуштаа во просторот помеѓу средниот ред и последната тројка на Интер – Бисек, Аканџи и Бастони. Со тоа Рома добиваше играчи помеѓу линиите, а централните дефанзивци во гостинскиот тим беа ставени пред дилема: дали да излезат по нив или да ја задржат својата позиција. Токму ваквата неодлучност отвораше простор за играчите од втор план.
Коне – проблемот за кој Интер не најде решение
Најголемиот тактички проблем за Интер во првото полувреме беше Ману Коне. Фудбалерот на Рома не остануваше статично во средината, туку со доцни втрчувања влегуваше во шеснаесетникот и го напаѓаше просторот зад последната линија. Коне успеваше да се појави во опасната зона без соодветна реакција од Интер. Кај првиот гол, комуникацијата помеѓу Диуф и Барела не беше доволно добра, па Коне остана слободен на задната статива и ја искористи нафрлената топка.
Сличен проблем се повтори и кај вториот погодок. Интер не успеваше навреме да реагира на неговите втрчувања, а Рома преку ширината и дистрибуцијата на додавања од крилните позиции постојано го бараше истиот простор.
На полувреме резултатот беше 2:0, но уште поважно – Рома ја доби тактичката битка во средниот и последниот третина од теренот.

Киву ја смени структурата по паузата
Интер во второто полувреме излезе со поинаков пристап.
Наместо да продолжи со бавна и позициона изградба на акциите, Киву ја насочи екипата кон побрза вертикална игра и поагресивен контрапресинг. Клучната промена, сепак, беше во однесувањето и движењето на теренот без топка.
Интер се повлече во компактна 5-3-2 структура, со значително помали растојанија помеѓу линиите. Намерата беше очигледна – да се затвори централниот коридор, да се намали просторот за Дибала и Суле и да се создадат услови за дефанзивците на Интер агресивно да излегуваат кон топката. Тоа веднаш ја промени динамиката на натпреварот и пресингот на Интер донесе гол речиси веднаш. Само триесетина секунди по почетокот на второто полувреме, Интер ја искористи првата сериозна грешка на Рома. Турам притисна по лошото додавање на Манчини, ја освои топката и веднаш го нападна просторот пред себе. Наместо да ја успори акцијата, Интер одигра вертикално и директно. Турам го пронајде Лаутаро Мартинез, кој го намали резултатот на 2:1.
Овој момент беше показател за новиот пристап на Интер – агресивна реакција веднаш по загубената топка и максимално брза транзиција кон напад.
Погодени измени и „залетан“ Интер
Во 54 минута од натпреварот, Киву дополнително ја освежи екипата со Карлос Аугусто и Петар Сучиќ.
Целта беше да се добие поголема енергија на левата страна и поголема динамика во средниот ред. Интер постепено почна да ги освојува вторите топки и да ја пренесува играта побрзо кон последната третина. Гасперини, пак, во 60 минута ги извади Коне и Манчини. Токму тука дојде до важна промена во текот на натпреварот.
Со излегувањето на Коне, Рома загуби дел од физичката моќ и динамиката што ја имаше во средината во првото полувреме. Играчот кој беше еден од главните фактори во првите 45 минути повеќе не беше на теренот за да ги напаѓа просторите и да го поддржува пресингот. Дополнително, Интер доби повеќе контрола врз транзициите. Како што Рома се повлекуваше, Интер почна да наоѓа нов начин за создавање вишок.
Бисек сè почесто излегуваше од последната линија и агресивно влегуваше во средниот ред. Со тоа гостите од Џузепе Меаца создадоа бројчана предност во зоната каде што Рома претходно доминираше.
Овој принцип конечно даде резултат во 79. минута. Бисек се вклучи високо во нападот и ја продолжи акцијата која заврши со додавање до Лаутаро. Аргентинецот со одлична контрола со бутот ја смири топката и со волеј го постигна вториот гол за Интер. 2:2.
На крајот, ремито најдобро ја отсликува поделбата на тактичката надмоќ – Рома го контролираше првото, а Интер второто полувреме. Домаќините покажаа колку можат да бидат опасни со пресинг и втрчувања од втор план, додека гостите потврдија дека со навремена промена на структурата можат да се вратат и од два гола негатива.
