
По освојувањето на првата титула во Премиер лигата по пауза од 22 години, Арсенал имаше можност да ја заокружи една од најголемите сезони во својата историја и конечно да стави крај на 55-годишното чекање за европска круна. Пред тимот на Микел Артета стои најголемиот предизвик – европскиот шампион ПСЖ, екипа која доаѓа во финалето како актуелен освојувач на натпреварувањето и клуб што се обидува да стане првиот по Реал Мадрид кој ќе ја одбрани титулата во модерната ера на Лигата на шампиони.
Ова беше судир на две екипи кои доминираа на различен начин во текот на сезоната. Арсенал пристигна во Будимпешта како единствениот непоразен тим во натпреварувањето, со 11 победи и само чекор до најголемиот успех во својата 139-годишна историја. Од другата страна е ПСЖ, тим што можеби не блескаше во почетната фаза, но како што одминуваше сезоната стануваше сè поопасен, елиминирајќи неколку европски гиганти и пристигнувајќи во финалето со серија од 11 натпревари без пораз во нокаут фазата.
Посебно интересен е и тактичкиот судир на Артета и Луис Енрике. Двајца тренери со слични фудбалски идеи, но различни патишта до успехот. ПСЖ важи за можеби најдобрата екипа во светот кога станува збор за игра со посед, позициони ротации и офанзивна флуидност, додека Арсенал сезонава изгради репутација на тим кој знае како да контролира натпревар, да трпи притисок и да биде смртоносен кога ќе му се отвори простор.
За Арсенал ова беше можност да испише историја. За ПСЖ можност да ја потврди својата нова европска доминација. А за љубителите на фудбалот – финале што ветува судир на две од најдобрите екипи на денешницата.
Арсенал го оттурна ПСЖ од неговата игра
Првото полувреме понуди многу интересна тактичка битка помеѓу Артета и Луис Енрике. Иако ПСЖ заврши со неверојатни 77% посед на топката, впечатокот е дека Арсенал во најголем дел од првите 45 минути го контролираше она што навистина е важно – просторот.
Арсенал не влезе во натпреварот со намера да се брани длабоко од самиот старт. Напротив, првите минути беа одбележани со агресивен пресинг човек на човек, со кој англискиот шампион се обиде да го наруши препознатливиот ритам на ПСЖ уште при самото градење на нападите. Токму од една таква ситуација и од малку среќна одбиена топка дојде и водството преку Хаверц.
По постигнатиот гол, Артета свесно го промени пристапот. Наместо да продолжи со високиот пресинг, Арсенал се повлече во компактен среден блок и практично му ја препушти топката на противникот. Но тоа не беше пасивно бранење. Линиите беа поставени исклучително дисциплинирано, а најголемата цел беше да се затворат централните коридори низ кои Витиња и Невеш најчесто ја забрзуваат играта на ПСЖ.
Резултатот беше интересен. ПСЖ имаше огромен посед, но најголемиот дел од додавањата се случуваа во безопасни зони. Крилните играчи ретко добиваа простор за ситуации еден на еден, а кога топката ќе стигнеше до последната третина, Габриел и Салиба доминираа во воздушните дуели. Особено Габриел одигра полувреме без грешка и беше главната причина што бројните нафрлувања не донесоа никаква опасност.
На крајот од првото полувреме статистиката изгледаше речиси неверојатно. ПСЖ ја имаше топката огромен дел од времето, но првиот удар во рамките на голот го упати дури во судиското продолжение. Тоа најдобро покажува колку добро Арсенал ја испланира и спроведе својата дефанзивна стратегија.
Просторот што го доби Кварацхелија ја смени рамнотежата
Второто полувреме започна со идентична слика. ПСЖ ја контролираше топката, Арсенал го бранеше резултатот, а темпото беше значително поспоро отколку на стартот од натпреварот. Но постепено почна да се појавува еден тактички проблем за Арсенал.
Кварацхелија сè почесто ја добиваше топката во ситуации каде што можеше директно да го напаѓа Москера. Жолтиот картон што шпанскиот дефанзивец го доби уште на почетокот на вториот дел дополнително ја промени динамиката на тие дуели. Од тој момент Москера мораше да биде многу повнимателен во секое излегување, а токму тоа му овозможи на грузискиот репрезентативец да добие повеќе слобода во играта.
Луис Енрике брзо го препозна тоа и голем дел од нападите почнаа да се развиваат токму по таа страна. Пеналот за ПСЖ не беше случаен момент, туку логична последица на притисокот што се создаваше во текот на целиот втор дел. Комбинацијата помеѓу Кварацхелија и Дембеле конечно успеа да создаде вишок, а ситуацијата заврши со пенал и израмнување.
По голот натпреварот целосно се отвори. Арсенал веќе немаше луксуз да се брани со истата трпеливост како во првото полувреме. Артета беше принуден да ја подигне линијата на тимот и да бара повеќе иницијатива. Со тоа се отворија простори кои претходно не постоеја, а токму во таков фудбал ПСЖ се чувствува најудобно.
Во тие моменти до израз дојде Витиња. Португалецот ја контролираше играта на ПСЖ, го одредуваше темпото на нападите и постојано ги пронаоѓаше слободните играчи помеѓу линиите. Кварацхелија конечно доби повеќе простор за своите продори, а токму од една таква ситуација ја погоди и стативата.
Последните петнаесет минути донесоа натпревар без вистинска контрола во средниот ред. И Артета и Луис Енрике внесеа свежина преку крилните позиции, па играта стана подиректна и поотворена. Но и покрај неколкуте опасни ситуации на двете страни, ниту една екипа не успеа да го зададе завршниот удар, па финалето заслужено замина во продолженија.

Моменти што го решаваат финалето
Продолженијата донесоа сосема поинаков ритам од регуларниот дел. Заморот беше сè поочигледен, а вниманието кон дефанзивните задачи доби предност пред желбата за ризик. Во првите петнаесет минути од продолжението видовме претпазлив фудбал од двете страни, со малку простор и уште помалку конкретни шанси. Најголемата дебата ја предизвика ситуацијата во која Мадуеке успеа да создаде предност пред Мендеш и падна во шеснаесетникот. Од клупата на Арсенал веднаш следуваа реакции и барања за пенал, но Сиберт остана доследен на својата одлука и не покажа на белата точка. Тензијата накратко се зголеми, а неколку жолти картони беа доволни за да се смират страстите на теренот.
Во второто продолжение ПСЖ повторно ја презеде иницијативата и имаше поголем посед на топката. Французите почесто се наоѓаа во последната третина, но без вистинска завршница која би го загрозила Раја. Арсенал се обидуваше преку брзи транзиции да стигне до решавачкиот момент, а последната можност на натпреварот ја имаше Ѓокереш, чиј удар беше навремено изблокиран. По последниот корнер на мечот, Сиберт означи крај и одлуката за новиот европски шампион беше препуштена на пенал рулетот.
Таму пресудија нервите и концентрацијата. Езе и Габриел не успеаја да одговорат на притисокот и изведоа два слаби пенали, додека единствената одбрана на Раја не беше доволна за победа. ПСЖ беше посмирен во најважниот момент од сезоната и заслужено стигна до одбрана на европската титула. За Арсенал останува уште едно болно финале и продолжување на потрагата по првиот трофеј во Лигата на шампионите, додека парижаните уште еднаш потврдија дека денес се еден од најкомплетните тимови во европскиот фудбал.
А.М.
