Лига Европа има еден крал – Унаи Емери

Финалето во Лигата на Европа оваа сезона донесе судир помеѓу две различни приказни, но и две екипи што целосно заслужено стигнаа до Истанбул.

Од едната страна беше Астон Вила — клуб што чекаше 44 години на голем европски трофеј. Последниот континентален успех на англичаните беше европската титула во 1982 година, а сега имаа шанса повторно да испишат историја. Тимот на Унаи Емери влезе во финалето како екипа што делува зрело, тактички подготвено и психолошки стабилно. Не случајно ова беше уште едно европско финале за Емери, тренер кој со години важи за специјалист за вакви натпревари.

Од другата страна стоеше Фрајбург, клуб што го играше првото европско финале во својата историја. Германците стигнаа до Истанбул преку храбар и офанзивен фудбал, носејќи огромна енергија и емоција во текот на целата европска сезона. За клуб со ваква историја и буџет, самиот пласман во финалето претставуваше огромен успех.

Но токму тука и лежеше најголемото прашање пред натпреварот — дали ентузијазмот и атмосферата можат да се спротивстават на искуството и тактичката зрелост на Емери?

На крајот, финалето понуди јасен одговор.

Клучниот дел од ова финале беше средината на теренот и начинот на кој Астон Вила тактички го контролираше натпреварот. Тимот на Емери не дозволи мечот да влезе во ритам што ќе му одговараше на Фрајбург, туку постојано држеше речиси се под своја контрола.

Тилеманс беше играчот што диригираше со темпото на играта. Белгиецот не само што беше клучен со голот, туку и со начинот на кој ја движеше топката, ја менуваше страната на нападот и го смируваше поседот кога беше потребно. Покрај него, Линделоф одигра исклучително важна улога на неприродна позиција во средниот ред. Со својата поставеност затвораше простор, помагаше во освојување на втора топка и овозможуваше Вила да остане компактна и кога Фрајбург ќе се обидеше да напаѓа со повеќе играчи.

Она што посебно се забележуваше беше селективниот пресинг на англичаните. Вила не притискаше хаотично, туку многу прецизно. Секогаш кога Грифо, Манзамби или Бесте ќе ја примеа топката, следеше агресивно излегување и минимален простор за креација. Емери успеа да ги задржи најкреативните играчи на Фрајбург подалеку од опасните зони, па акциите на германците се сведуваа на индивидуални идеи и продори надвор од рамките на тактичката структура на тренерот Шустер.

Фрајбург се обидуваше преку долги топки, транзиции и игра по страничните позиции, но ретко успеваше да воспостави контрола. Кога ќе се обидеја да го забрзаат ритамот, Вила реагираше со мирен посед, кратки додавања и одлична позициона поставеност. Токму затоа англичаните делуваа толку стабилно во текот на целото финале.

Разликата не беше само во квалитетот, туку во тоа што Вила точно знаеше кога да притисне, кога да се повлече и како да го оттурне противникот од неговата игра.

Освен тактичката поставеност, огромна разлика во ова финале направи и психолошката стабилност на Астон Вила. Од првата минута англичаните делуваа како тим што веќе поминал низ вакви натпревари. Немаше паника, немаше непотребно брзање, а секој дел од играта изгледаше контролирано и подготвено.

Тука огромно влијание има самиот Унаи Емери. Се чувствуваше искуството на тренер што знае како се игра европско финале. Вила не се занесе ниту кога доминираше, ниту кога Фрајбург се обидуваше да го подигне интензитетот. Наместо хаотичен одговор, англичаните секогаш реагираа со смирен посед и правилно позиционирање.

Особено важен беше вториот гол пред паузата. Во тие моменти Фрајбург почна да се ослободува и натпреварот влезе во фаза во која германците веројатно посакуваа отворен фудбал. Но токму тогаш Вила зададе нов удар и целосно ја префрли психолошката тежина на спротивната страна.

Во второто полувреме веќе се чувствуваше разликата во самодовербата. Фрајбург делуваше како тим што мора да брза и да ризикува, додека Вила играше со трпение и целосна контрола. Англичаните не дозволија ниту еден период од мечот да се претвори во вистински хаос, а токму тоа често е најголемата разлика во вакви европски финалиња.

На крајот, ова финале понуди многу повеќе од само убедлив резултат. Астон Вила покажа како изгледа екипа што е тактички подготвена, психолошки стабилна и целосно свесна што треба да направи за да освои европски трофеј.

Од првата минута англичаните делуваа поконтролирано и посигурно во својата игра. Ја добија битката во средината на теренот, ги оттурнаа најопасните играчи на Фрајбург од натпреварот и во клучните моменти беа далеку поконкретни. Токму затоа и резултатот од 3:0 не делува случајно, туку како реален приказ на разликата што постоеше на теренот.

Од друга страна, Фрајбург сигурно нема да биде запаметен само по поразот. За клуб што го играше најголемото европско финале во својата историја, самиот пласман до оваа фаза е огромен успех. Но вечерва се почувствува разликата помеѓу тим што првпат игра ваков натпревар и тренер што со години живее за европски елиминациски мечеви.

А кога станува збор за Унаи Емери, ова е уште една потврда дека Лига Европа едноставно е негово натпреварување.

A.M.