Титулата повторно остана во Глазгов

Четиридецениската доминација на гигантите од Глазгов беше ставена на тест. Со години, титулата во Шкотска го менува само стадионот, но не и градот. Сепак, Хартс се обиде да ја наруши таа традиција на Селтик и Ренџерс. И не можеа да добијат потешка решавачка битка за пехарот: на гости кај зелено-белите. Хартс дојде по реми, но храброста и решителноста со којашто се одликува нивната игра во целата сезона можеше да им донесе и победа. Селтик имаше само една задача и Селтик е гигант – никогаш не треба да се отпишува, особено не на домашниот терен каде што паднале и најдобрите европски тимови.

Паркхед доби токму онаква битка каква што се очекува кога титулата е на маса. Почетокот, но и понатамошниот тек на мечот го донесе тоа што најмногу се очекува од важен дуел во шкотскиот Премиершип. Многу интензитет и еден куп долги нафрлувања. Тимовите на Селтик и Хартс сепак внимателно приоѓаа во продорите, но и одмерено се однесуваа во креативниот дел.

Селтик акциите ги градеше уште од задната линија, а се обиде да го најде клучот за одбраната на Хартс со додавања „на прва“. Бековите на домаќините беа поставени високо во фаза на напад, со намера да искреираат вишок помеѓу линиите. Во формацијата 4-2-3-1 за којшто се одлучи Мартин ОʼНил, Селтик напаѓаше со пет до шест фудбалери пред шеснаесетникот на Хартс, а единствениот шпиц во тимот Даизен Маеда не беше активно вклучен во акциите туку „ловеше од сенка“ и ги бркаше длабинските додавања во шеснаесетникот на голманот Шволов. Гостите веднаш имаа по двајца играчи да притрчаат на помош по освоена топка во дефанзивата, со што го наметнаа впечаток дека се трудат да постигнат компактност во дефанзивниот аспект на играта и не дојдоа во Глазгов безглаво да тргнат по победата, знаејќи дека им одговара и нерешено.

Особено важен аспект во играта на Хартс беа прекините, каде што гостите ја гледаа својата шанса на Паркхед. Во нападот, Хартс активно креираше на крилата, удвојуваа и со центаршутеви настојуваа да стигнат пред голот на Селтик. Ова уште од самиот старт го најави формациската поставеност во класична „островска“ 4-4-2, за којашто се одлучи тренерот МекИнис.

Пресингот најмногу „се кршеше“ на средината на теренот со пробивање на првата пресинг-линија, а во прилог на определбата на двете екипи да тргнат во брза контра штом освојат топка. Во овој дел, вторите топки беа клучни за текот на акциите. Темпото коешто го наметнаа двата тима на теренот, го наговести и исходот на полувреме. Ниту Селтик, ниту Хартс не успеаја да ги спасат своите мрежи и да останат на нула. Гостите го искористија едно од најмоќните оружја во својот арсенал, откако напаѓачот и капитен Шенкленд небранет стрелаше со глава по нафрлување од корнер. Домаќините израмнија на 1:1 со гол на Енгелс од пенал, по очигледна игра со рака на крилото Кизиридис, во шеснаесетникот кај гостите од Единбург.

Селтик имаше поголем дел од иницијативата во првото полувреме, а второто започна за нијанса побавно и попресметано и кај двата тима. Уште на почетокот измени, Селтик внесе втор напаѓач, Келечи Ихеаначо, што отвори простор за Маеда малку повеќе да учествува во креацијата. Се сменија и дел од неговите задачи на теренот па често беше присутен и странично, на крилните позиции. Во игра влезе и легендарното крило Џејмс Форест кој ја игра седумнаесеттата сезона во клубот и е најтрофеен играч во историјата кај зелено-белите од Глазгов. Кај Хартс, дури во 66 минута во игра влезе најдобриот играч во шкотскиот Премиершип за сезонава, Клаудио Брага.

Како се приближуваше крајот на натпреварот и како одминуваа минутите, Селтик мораше да тргне поодлучно кон голот на Шволов, затоа што ремито му одеше во прилог само на тимот на Хартс. Токму тоа и се случи. Домаќините ја заземаа иницијативата, поседот на топката речиси целосно им припадна на нив и тргнаа по одлучувачкиот погодок. Се редеа шансите и центаршутевите, Маеда креираше на левото крило помогнат од бекот Сарачи, кој во вториот дел го замени Киеран Тирни. Хартс имаше шанси, но со удари од далечина. Токму во 87 минута дојде голот за Селтик. Маеда во пробив, една спорна ситуација, проверка на ВАР и расчистена дилема – домаќините поведоа 2:1. Лудило на Паркхед. Титулата беше потврдена со гол во 98 минута, кога голот на Хартс остана празен откако и голманот отиде во шеснаесетникот на Селтик, во обид да израмнат по еден корнер.

Мартин О’Нил е бесмртен. Стана бесмртен уште пред две децении, а сега само го потврди статусот. Сезонава се случи една крајно невообичаена ситуација – О’Нил на двапати се врати да го спасува Селтик. Прво излезе од пензија, за да го среди хаосот кој го остави Брендан Роџерс, како привремено решение. Ги стабилизираше резултатите и ги смири турбуленциите, а потоа на клупата седна Вилфрид Ненси, тренер кој брзо потоа ја напушти Шкотска и остави уште поголем проблем во клубот од Глазгов. А, потоа Мартин О’Нил повторно седна на клупата да ја доврши сезоната, да расчисти со проблемите кои ги оставија другите и магично – повторно да го крене пехарот исто како и во 2004 година. Ако ова беше последен меч пред втората пензија на стратегот од Северна Ирска – со среќа, пензијата е и повеќе од заслужена.

П.Д.