
На неколку кола до крајот на Апертура или полусезоната во Аргентина, на фудбалското мени дојде еден од најжешките спектакли кога се дерби-натпреварите во прашање. Ривер Плејт против Бока Јуниорс, на култниот „Монументал“ во Буенос Аирес. Судир на традиција, страст и идентитет. Ривер ја имаше предноста на домашниот терен поддршката од навивачите, но играчите на Бока дојдоа со јасна цел – да си заминат непоразени.
Ривер со посед, Бока во блок: казна од белата точка во тактички затворен дуел
Во првото полувреме, контролата и иницијативата беа кај Ривер. Отпорноста и цврстиот дефанзивен пристап – одлика на гостите од „Ла Бонбонера“. Домаќините во формација 4-3-3, наспроти 4-4-2 кај гостите. Ривер иако насочени кон офанзива, мудро и трпеливо се судрија со ривалот од Буенос Аирес. А, Бока играше со јасна намера: да не дозволи гол во својата мрежа на преполниот „Монументал“.
Фокусот во играта на сино-жолтите беше насочен кон мирно изнесување на топката од опасните длабоки зони, а со намера да се блокираат и пресечат додавањата на противникот и веднаш да се излезе во блок штом офанзивците на Ривер примат топка, свртени со лицето према голот.
Ривер брзо се прилагоди на принципот на игра на градскиот ривал, па се обидоа трпеливо и мирно да ја изградат играта до офанзивните зони. Комбинираа претежно со долги додавања, се поврзуваа со попречни пасови, во обид да отворат простор и да ја рашират густата структура на противникот. Централните дефанзивци учествуваа во креацијата и акциите започнуваа од бековските позиции, главно со пасови кон крилните позиции.
Бока ја затвори средината, а нафрлувањата на противникот беа неутрализирани и залудни и покрај активната игра во крилните зони. Најсериозната шанса во првото полувреме за домаќините дојде на две минути до паузата помеѓу двете полувремиња, кога едно од нафрлувањата заврши пред шеснаесетникот, а со краток пас беше отворен Максимилијано Салас во позиција за шут, но тој биеше над голот. 28-годишниот аргентински напаѓач влезе во игра во 18 минута, на местото на повредениот Дриуси.
Бока не креираше многу во првиот дел и една од ретките прилики кога се заканија беше всушност и најсериозната шанса во целото прво полувреме. Со високо нафрлување од центарот, топката дојде до напаѓачот Мерентиел, но тој со низок шут пласираше само покрај стативата.
Драмата кулминираше буквално пред крајот на судиското продолжение во првиот дел, кога централниот дефанзивец на Ривер, Лаутаро Риверо играше со рака во шеснаесетникот и така го изблокира ударот кон голот. Судијата гледаше ВАР и потврди – удар од белата точка за Бока Јуниорс. Во тие моменти, очекувано, Леандро Паредес – главниот играч на гостите и веројатно еден од најдобрите фудбалери во аргентинската лига ја презема одговорноста, го испрати на погрешната страна голманот Белтран и биеше сигурно во мрежата– 0:1 за Бока Јуниорс.
Домаќинот со „опсада“ без ефект, гостинот го задржа клучот на натпреварот
И во второто полувреме продолжи тенденцијата од првото полувреме – ниту домаќините, ниту гостите имаа време да згазнат на топка и трпеливо да креираат. Многу фаули, груба и агресивна игра. Среден пресинг на Бока, наспроти контра-пресингот на Ривер. Цврстиот бедем на гостите особено во централните зони, Ривер успеваше да го надмине само со брзи додавања „на прва“ на работ на шеснаесетникот или веднаш штом продрат во него. Бока Јуниорс, на крилата на предноста од првото полувреме, во второто полувреме се определи за низок ризик во последната третина. Се фокусираа на задржување на позитивата, а речиси сѐ што одиграа во вторите 45 минути беа долгите топки во надеж дека ќе ја отклучат одбраната или ќе активираат некоја од офанзивните позиции, како и индивидуални потези во потрага по момент на креативност.
Кај двата тима, вториот дел донесе неколку измени со што значајно се измени структурата и формациската поставеност. Тренерот на Бока, Убеда, одлучи да ги засили редовите во средината на теренот, на сметка на изнесувањето на напаѓачот Мерентиел. Кудет од Ривер повлече неколку потези од клупата, но неговиот тим ја задржи структурата и остана на намерата да игра напаѓачки фудбал – внесе офанзивци од клупата за да му отвори на простор на Салас да ја води навалната линија и да го бара патот до мрежата на Бока.
Како се приближуваше крајот на мечот, така се засилија и нападите на Ривер Плејт и креацијата во последната третина од теренот. Кратки додавања и поврзување помеѓу линиите, продори, на моменти и удари од дистанца. Но, Бока цврста во блокот и одлично ги бранеше вторите топки, а печат на дефанзивниот пристап на гостите од „Ла Бонбонера“ беше и тоа што исфрлувањата на гостите завршуваа на половината на Ривер – а, таму еден или ниту еден играч во сино-жолт дрес во контра.
Бока не се обиде да ја експлоатира ниту раширената одбрана на Ривер, особено странично. Левиот и десниот бек на домаќините, Монтиел и Акуња, беа поставени високо и максимално вклучени во нападите, во обид преку нафрлувања да се дојде до гол и да се избегне поразот од најголемиот ривал.

Бројни картони и драма за крај
Судијата Дарио Херера на „Монументал“ немаше воопшто лесна задача. Во неговиот бележник влегоа точно десет имиња, по шест жолти картони за Ривер и четири за Бока. Изненадувачки, ниту еден црвен картон – нешто што не е својствено за ова аргентинско дерби, кое важи за едно од најголемите во светскиот фудбал. Ќе остане дилема дали во последните моменти од натпреварот, Херера можеше да досуди пенал и за Ривер. Бекот на Бока, Бланко го оттурна со две раце капитенот на Ривер, Куарта, внатре во шеснаесетникот. Набрзо потоа судијата беше „опколен“ од повеќе играчи на теренот, во обид да издејствуваат ВАР-проверка на ситуацијата. Херера не досуди пенал, а домаќините останаа со горчливиот вкус и впечаток дека се оштетени на домашен терен.
П.Д.
