Шампионски печат на Флик: Барса го доби и последното „Ел Класико“

Последното „Ел Класико“ за сезоната носеше многу повеќе од само обични три бода. Барселона уште еднаш годинава покажа колку е тактички и ментално покомплетна од Реал Мадрид. Со структурата и начинот на игра, тимот на Ханси Флик целосно го наметна својот ритам низ деведесетте минути. „Каталонците“ на крајот уверливо ја заверија титулата во Ла Лига, оставајќи впечаток на екипа што точно знае како сака да изгледа во секоја фаза од натпреварот. Арбелоа речиси сигурно за последен пат ги водеше „Кралевите“ во дербито против лутиот ривал, а претседателот на клубот од престолнината сега пред себе има неверојатно тешка задача – да го врати тимот на стазата на стабилноста и добрите резултати, наспроти притисокот од јавноста и бројните контроверзни ситуации коишто надвиснаа над Бернабеу како темни облаци, низ изминатите неколку месеци. Прва задача е именување на нов стратег кој од јули треба да го подготвува составот кој догодина ќе се обиде да ја симне Барселона од тронот.

Од самиот старт Барселона наметна интензитет кој Реал едноставно не можеше да го следи. Пресингот беше агресивен, но истовремено и прецизно координиран. Играчите на Флик не трчаа хаотично кон топката, туку колективно ги затвораа линиите за додавање и го принудуваа Реал да игра под постојан притисок. Штом мадридскиот тим ќе се обидеше да ја изнесе топката од последната линија, Барселона веќе имаше поставено неколку играчи во зони од каде лесно ги прекинуваше акциите.

Токму таа организација без топка беше можеби најголемата разлика помеѓу двата тима. Додека Барселона делуваше компактно и синхронизирано, Реал Мадрид изгледаше растегнато и без цврста структура. Одбраната често се наоѓаше предалеку од средниот ред, а просторот помеѓу стоперите отвораше огромни празнини, но и проблеми за гостите. Напаѓачот Феран Торес постојано ги напаѓаше тие празнини со движења зад последната линија, додека Фермин Лопез со интелигентно позиционирање создаваше дополнителен хаос помеѓу линиите.

Барселона не се потпираше само на посед и трпелива циркулација на додавањата. Домаќините настојуваа на вертикална игра веднаш штом се отвори малку простор. Со неколку брзи додавања успеваа да го прескокнат првиот бран на притисок и директно да го нападнат голот. Особено добро функционираа ротациите во офанзивната линија, каде играчите постојано менуваа позиции и го извлекуваа Реал надвор од формацијата.

Реал Мадрид во натпреварот влезе без жар и без вообичаената енергија за големите дерби натпревари. Тимот на Арбелоа речиси и да немаше организиран пресинг во воведните минути, што ѝ овозможи на Барселона лесно да воспостави контрола врз темпото. Наместо агресивен пристап без топка, гостите делуваа пасивно, оставајќи им премногу време и простор на играчите на Блауграна.

Проблемите дополнително се продлабочија по раниот погодок на Маркус Рашфорд. Во 9 минута, по прекршок на Антонио Рудигер на работ од шеснаесетникот, англискиот напаѓач прецизно погоди од слободен удар и му донесе водство на домашниот состав. Тој момент целосно го смени текот на натпреварот. Реал мораше порано од планираното да излезе повисоко и да преземе повеќе ризик, а токму тоа најмногу ѝ одговараше на Барселона.

Со секое отворање на просторот зад бековите и стоперите, Каталонците изгледаа сè поопасно. Вториот гол беше уште една потврда за проблемите во дефанзивната транзиција на Реал — брз вертикален напад, лошо поставување на последната линија и премногу простор за играчите на Барселона во завршната третина.

Во средниот ред, домаќините целосно доминираа. Барселона контролираше, додека Реал постојано доцнеше во дуелите и тешко ги затвораше централните зони. Нападите на мадридскиот тим најчесто се сведуваа на индивидуални обиди преку крилните позиции. Барселона брзо го препозна тоа и со навремено удвојување успеа речиси целосно да го изолира Бразилецот Винисиус, кој беше најопасниот поединец кај гостите во тој сегмент од играта.

Реал Мадрид покажа малку повеќе иницијатива во второто полувреме, но тимот на Флик не влезе во непотребен хаос, туку мудро го намали ритамот кога беше потребно и преку посед ја оддалечуваше играта од сопствениот гол. Поништениот погодок на Џуд Белингам поради офсајд само дополнително го отслика чувството дека ништо не оди според планот за гостите.

На крајот, разликата не беше само во резултатот. Барселона изгледаше како тим со идеја и колективна дисциплина, додека Реал делуваше како состав кој премногу често се потпира на индивидуалниот квалитет. Во вечер на огромен влог, тимот на Ханси Флик покажа повеќе стабилност, организација и зрелост — елементи кои низ месеците се најпрепознатливиот дел од шампионските колективи.

Во истиот ден кога се решаваше шампионската титула во Шпанија, Ханси Флик, го загуби својот татко. И кога јавноста почна да се прашува дали Германецот ќе го препушти натпреварот на стручниот штаб, а тој ќе замине за Германија, медиумите сепак потврдија дека ќе ги води од клупата. Флик одлучил тажната вест да им ја соопшти на своите играчи, но и да биде крај аут-линијата на дербито. По натпреварот, кажа дека реакциите коишто ги добил засекогаш ќе ги помни исто како и денот кога неговата Барселона стана шампион.

П.Д.