Фудбалска анализа со уреднички став. Структура. Контекст. Аргумент.

Мени
Почетна Анализи Ретро FPL Обложување За Контра Фаул Контакт

Флик го надигра Симеоне, Барселона со фудбалска лекција во Мадрид

Уште во најавата на деведесетте минути на теренот, дуелот на Метрополитано во Мадрид го понесе епитетот „судир на две различни фудбалски филозофии“. Атлети и Барса се посебни школи со препознатлива игра, но и двата тима имаат една заедничка страна – добро знаат да се приспособат на различни околности. Тимот на Флик често покажува карактер, трпение и тактичка зрелост. Тоа не им недостасуваше ниту во дербито на колото, па ја однесоа победата против тимот на Диего Симеоне, со истиот резултат 1:2 како и на минатосезонскиот натпревар на овие два тима во шпанската престолнина. Со тоа ја добија и предноста во трката за титулата, Атлетико остана пет бода зад врвот, а Реал Мадрид и понатаму „диши во врат“ со негатива од само три бода.

Атлетико во натпреварот тргна онака како што најдобро знае и како што сите очекуваат – агресивно, организирано и со намера да ги искористат слабостите коишто ќе ги покаже противникот во првите сегменти на играта. Симеоне добро ги прочита недоследностите во одбраната на Барселона и уште од самиот почеток постави стапица за високата последна линија на Каталонците.

Домашните не брзаа со преземање на поседот на топката. Наместо тоа, го почекаа вистинскиот момент за пресинг. Во десеттата минута, по одземена топка на средината од теренот, Атлетико со неколку брзи потези ја отвори одбраната на гостите. Хулијан Алварез од левата страна испрати одлична топка во простор, а Џулијано Симеоне со навремено втрчување ја надмудри офсајд-стапицата и ја затресе мрежата на Жоан Гарсија. Исто како и на претходниот натпревар помеѓу овие два тима на теренот на Атлетико, синот на тренерот Симеоне е првиот стрелец на мечот.

И веднаш потоа, Атлетико се врати во препознатливиот дефанзивен режим. Густ блок, затворен простор меѓу линиите и малку можности за Барселона да продре низ средината. Тимот на Симеоне успешно ги принуди Каталонците да кружат со топката, без вистинска опасност по голот на Јан Облак. Израмнувањето за Барса дојде точно пред паузата помеѓу двете полувремиња, кога играчот за врска Фермин Лопез ја казни одбраната на Атлетико со тоа што се најде на вистинското место и одбиената топка ја испрати во голот. И таа акција дојде по „кружење“ на Каталонците околу густиот дефанзивен бедем.

Германскиот стратег на полувремето ја препозна најголемата слабост на својот тим – ранливоста при загубена топка и просторот што Атлетико го користеше за брзи контранапади. Одговорот дојде преку промени во редот за врска. Со внесувањето на Де Јонг покрај Марк Бернал, Барселона доби поголема сигурност и стабилност во организацијата на играта, но и дополнителна заштита пред сопствената одбрана. Тоа беше еден од потезите коишто го променија текот на натпреварот.

Барселона почна подобро да ја контролира средината, а Атлетико сè почесто беше принуден да се брани длабоко пред својот гол. Наместо отворени простори за контранапади, домаќините добија противник кој постојано ја враќаше топката и бараше начин да ја пробие нивната одбранбена формација. Посебна улога во новата поставеност доби Ламин Јамал. Најдобриот фудбалер на Каталонците остана широко поставен на десната страна, со што постојано ги принудуваше противничките играчи да му посветуваат дополнително внимание. А, кога Атлетико почна да ја затвора неговата страна, се отворија простори на другите делови од теренот.

Токму тие простори најдобро ги искористи Фермин Лопез. Покрај голот за израмнување во првото полувреме, неговото вистинско влијание дојде во продолжението од мечот односно во вториот дел.

Дефанзивците на Атлетико вниманието го насочија кон Ламин Јамал, а Фермин постојано бараше простор со втрчување зад нивната последна линија. Флик го бараше токму тоа од своите офанзивни играчи – движење без топка, навремено вклучување и максимално искористување на грешките на противникот. Решавачкиот момент стигна во 66 минута.

Јамал ја презеде топката, влезе кон средината и привлече неколку противнички играчи на себе. Со прецизно додавање го пронајде просторот зад одбраната, каде што Фермин Лопез се појави од втор план и со мирна завршница го совлада Облак. Барселона направи целосен пресврт, а Атлетико во тој момент остана без одговор.

Поразот на Атлетико на домашен терен во дерби мечот на колото не значи дека почетната замисла на Симеоне била погрешна. Неговиот тим одлично ги искористи дел од слабостите на Барселона во првиот дел и покажа зошто со години важи за една од најнепријатните екипи за играње во Европа. А, Флик со промените во составот го промени и текот на мечот.

Барселона со 63 проценти посед на топката ја имаше контролата и со тоа ја намали опасноста од противничките транзиции, но најде и начин да ја растегне одбраната на домаќините. Наместо да инсистира на истата игра која не функционираше во првото полувреме, Флик го промени пристапот и доби сосема поинаков тим на теренот. Атлетико во дел од мечот ја имаше предноста, имаше план и поддршка од домашната публика. Барселона добро се адаптираше и покажа дека веројатно и сезонава е најсериозниот кандидат за титулата во шпанската Ла Лига.