Фудбалска анализа со уреднички став. Структура. Контекст. Аргумент.

Мени
Почетна Анализи Ретро FPL Обложување За Контра Фаул Контакт

Тактичката зрелост на Сити ја надомести бројчаната предност на Јунајтед

Манчестерското дерби понуди натпревар во кој речиси сè укажуваше дека Манчестер Јунајтед треба да ја има предноста. Црвениот картон на Фил Фоден уште во 22. минута му остави повеќе од еден час на домаќинот со играч повеќе, а две стативи и неколку големи можности дополнително го зголемуваа чувството дека погодокот е само прашање на време.

Но Сити не дозволи исклучувањето да го претвори натпреварот во опсада пред голот на Донарума. Гостите го променија начинот на кој ги градеа нападите, беа подисциплинирани без топка и внимателно ги избираа моментите кога ќе излезат кон половината на Јунајтед. Кога конечно добија простор, Ерлинг Халанд уште еднаш покажа колку малку му е потребно за да направи разлика.

Јунајтед имаше посед, бројчана предност и доволно време да пронајде решение. Она што го немаше беше доволно присуство во шеснаесетникот и завршен потег кој ќе ја претвори контролата во гол. На спротивната страна, Сити одигра еден од оние натпревари во кои тактичката дисциплина и искуството вредат повеќе од бројот на играчи на теренот.

Сити подобро го отвори натпреварот. Гостите комбинираа преку двете страни, но и централно преку Черки, постојано барајќи простор од кој топката може да стигне до Халанд. Јунајтед не одговараше со висок и агресивен пресинг, туку со доволно притисок за да му го отежне изнесувањето на топката на Елиот Андерсон.

Во играта на домаќинот, Бруно Фернандеш беше главниот организатор. Неговите долги додавања беа најдиректниот пат кон голот, додека Рашфорд постојано бараше простор зад последната линија. Куња и останатите офанзивни играчи често се спуштаа ниско за да помогнат во организацијата, со што Јунајтед добиваше повеќе опции околу топката.

Потоа дојде 22. минута. По дуелот со Бруно, Фоден реагираше наивно и доби директен црвен картон. Од тој момент целиот контекст на дербито се промени.

Черки се префрли десно, а Сити остана без играч во централниот офанзивен дел од средината. Јунајтед очекувано ја презеде топката и ги помести стоперите длабоко на противничката половина, но тука се појави проблем кој ќе го следи и во продолжението.

Куња продолжи да се спушта по топката. Тоа помагаше во креацијата, но истовремено значеше дека пред стоперите на Сити често нема класичен напаѓач. Домаќинот можеше да ја донесе топката до последната третина, но таму недостасуваше присуство кое ќе ја нападне последната линија.

Најблиску до погодок во првиот дел беше Рашфорд, чиј удар од слободен удар од околу 25 метри заврши во стативата. Предноста од играч повеќе постоеше, но Сити успеа да стигне до паузата без примен гол.

Вториот дел започна со уште поголема иницијатива на Јунајтед. Сити стоеше пониско, па домаќинот мораше трпеливо да комбинира и да бара простор низ компактната поставеност. По ударот на Мејну дојде и втората статива, а Олд Трафорд почувствува дека притисокот конечно може да донесе резултат.

Токму тогаш следуваше казната.

По грешка на Доргу, Сити брзо стигна до Халанд. Првично беше досуден офсајд, но по проверката од ВАР одлуката беше променета – 0:1. Во натпревар во кој неговата екипа долго беше принудена да игра без топка и со играч помалку, Халанд ја доби својата можност и ја искористи.

Керик потоа конечно го внесе Шешко и Јунајтед доби класичен напаѓач во шеснаесетникот. Заедно со Мбеумо, тоа донесе поголемо присуство пред Донарума, но Сити веќе беше во позиција во која можеше целосно да се посвети на управувањето со предноста.

Особено важна беше партијата на Енцо Фернандес. Аргентинецот беше одличен со топка, но уште поважна беше неговата работа без неа. Неговото и позиционирањето на Елиот Андерсон пред Бруно го ограничуваше најкреативниот играч на Јунајтед, а кога Сити ќе ја освоеше топката, токму двоецот од средниот ред знаеше да ја задржи и да му даде време на тимот да излезе од сопствената половина.

Тоа беше една од најголемите заслуги на Мареска. Сити не се обиде последните половина час да го помине со сите играчи пред Донарума. Кога се отвораше простор, гостите излегуваа напред и го принудуваа Јунајтед повторно да се враќа. Така го намалуваа континуираниот притисок и го трошеа времето далеку од сопствениот гол.

Јунајтед имаше уште една огромна можност во последните моменти. Бруно го пронајде Мбеумо во ситуација еден на еден, но Донарума ја доби и таа битка. Тоа беше последната потврда дека голот на Сити вечерта навистина беше недостижен.

Дефанзивната линија на гостите одигра речиси беспрекорен натпревар. Повеќе од еден час со играч помалку, под постојан притисок и без простор за сериозна грешка, Сити остана организиран до последната минута.