
Диего Симеоне сезоната ја сведе на „сѐ или ништо“ и Атлетико отворено порача дека ќе оди на триумф во Лигата на шампионите, во последната сезона на Антоан Гризман во дресот на мадриѓаните. Околу Артета и Арсенал продолжуваат да лебдат бројните прашања – дали се кадарни за славје сезонава и дали тоа можат да го сторат дури и на повеќе фронтови. Во Европа сега имаат реална шанса, со малку среќа за првпат да дојдат до најпосакуваниот клупски фудбалски пехар. Атлетико Мадрид продолжува и понатаму да сонува за големи успеси, а со тоа Симеоне ја заокружува петтата сезона без никаков трофеј.
Артета ја доби тактичката битка преку поседот на топка
Во натпреварот во кој пошироката фудбалска јавност можеби не очекуваше многу голови, Арсенал влезе со намера да го контролира текот на настаните. Уште на самиот почеток, „Топџиите“ наметнаа висок ритам, што се отсликува и преку бројките и високиот посед на топката во првото полувреме. Играа течно и сигурно, но без брзање туку напротив – трпеливо во последната третина. Иако бројни атрактивни имиња на хартија кај Арсенал, интересно е тоа што во организацијата на нападот најмногу се истакна крилниот напаѓач Леандро Тросард. Го диктираше темпото и ги поврзуваше линиите, додека пак Букајо Сака добиваше повеќе простор и слобода да напаѓа „еден на еден“.
Токму десната страна кај Арсенал беше постојано активна во обид да ги разбие компактните линии на теренот кај гостите од Мадрид. Сака комбинираше со Бен Вајт, кој го одигра еден од најдобрите натпревари сезонава. Десниот бек даде друга димензија во составот на Артета, со своите навремени и прецизни додавања во простор за Сака.
Избраниците на Артета не се потпреа само на кратката пас игра и постепената изградба на акциите. Честа глетка беа и директните топки зад првата линија на пресинг на Атлетико, особено странично кон шпицот Ѓокереш. Швеѓанецот ги искористуваше своите физички предности и движењето без топка, за да биде постојана закана за одбраната на Шпанците.
Трансформирани во 3-2-5 формација во фазата на напад, домаќините создаваа вишок играчи околу шеснаесетникот, а постојаните ротации и движења без топка беа рецептот за да се растегне цврстата дефанзивна линија на тимот на Симеоне.
Атлетико, пак, на реваншот во Лондон остана верен на својот препознатлив стил на игра – цврста одбрана, дисциплина и борбеност во секој дел од теренот. Целта на гостите од Мадрид беше очигледна – да го затворат просторот пред својот гол и да го нарушат ритамот на Арсенал.
Симеоне ги постави своите играчи во ниска дефанзивна линија, со мал простор помеѓу играчите и постојана помош во одбраната. Успешно ги затвораа централните зони и го натераа Арсенал да побара решение преку крилните позиции. Веднаш штом ја освоеја топката, гостите брзо се трансформираа во фаза на напад преку директни додавања и вертикални транзиции, со идеја да се искористи просторот зад високата линија на Арсенал преку брзи контранапади и дуели „еден на еден“. И покрај намерата на Симеоне и неговите избраници, акциите ретко завршуваа со сериозна опасност за домаќините.
Клучниот момент во првото полувреме се случи во 44 минута, непосредно пред паузата помеѓу двете полувремиња. Букајо Сака најбрзо реагираше по одбраната на голманот Облак откако Тросард биеше во рамките на голот, а потоа англискиот репрезентативец само ја втурна топката во мрежата, за водство од 1:0 и вкупни 2:1 во полуфиналниот двомеч.

Атлетико по израмнување, Арсенал покажа зрелост
Во второто полувреме Атлетико Мадрид мораше да игра поофанзивно. Сепак и покрај обидите за поактивна игра во последната третина, тимот сепак не успеа да создаде доволно сериозни шанси. Добро организираната игра на одбраната на Артета успешно ги неутрализираше нападите и не дозволи вистинска неизвесност во финишот.
Арсенал во вториот дел покажа тактичка зрелост и очекувано, наместо да продолжат со истиот офанзивен интензитет, домаќините се повлекоа во обид покомпактно да ги затворат сите приоди кон голот. Во одбраната особено се истакна Габриел Магаљаеш и со бројни интервенции – особено со еден важен блок, одигра значајна улога во пласманот во финалето.
П.Д.
