Сто минути пеколна атмосфера во Истанбул и шампионска порака од Галата

Истанбул повторно го покажа своето најжестоко фудбалско лице. „Стадионот Тупраш“ беше во вистинска дерби атмосфера речиси сто минути – кореографии, постојан притисок од трибините и бучава што во одредени моменти го голташе дури и свирчето на судијата. Бешикташ влезе со огромна енергија и агресија, туркан од своите навивачи, додека Галатасарај се обиде да ја наметне својата структура и квалитет.
Она што следеше беше дерби со многу дуели, прекршоци и тензија, натпревар во кој играта често беше во втор план. Но во вакви натпревари често е доволен само еден момент на класа, а доказ за тоа беше партијата на гостинската екипа која успеа да ја зголеми шансата за нова титула во Турција.

Натпреварот уште од самиот старт се претвори во вистинска дерби пресметка, повеќе налик на физичка борба отколку на класичен тактички натпревар. Бешикташ влезе во мечот со огромна енергија и агресија, поттикнат од трибините кои практично не престанаа да создаваат притисок врз противникот и судијата. Атмосферата на стадионот беше толку интензивна што во одредени моменти едвај се слушаше и свирчето на главниот судија, а секој контакт на теренот беше проследен со реакција од домашните навивачи.
Во такви услови, натпреварот многу брзо го изгуби ритамот на класичен фудбалски дуел. Прекршоците се редеа уште од првите минути, дуелите беа жестоки, а секоја топка во зоната на средината се претвораше во мини-битка за простор. Средината на теренот беше најчесто место на конфликт, а напаѓачките акции ретко се развиваа со континуитет.
Тактички гледано, Бешикташ најчесто се обидуваше да ја оттурне играта преку левата страна каде што во дуели многу често можевме да ги видиме Олаитан и Салаи кој има проблеми кога станува збор за дефанзивните задачи. Продорите и директните топки кон крилните играчи беа главниот начин за создавање опасност, со идеја да се нападне просторот зад последната линија на противникот. Од друга страна, Галатасарај се обидуваше да ја задржи структурата и да ја гради играта преку комбинации во средината, со цел да го пронајде Виктор Осимен во позиција за завршница.
Но дерби со ваков интензитет ретко се решава со долги комбинации или контролирана игра. Во вакви натпревари често е доволен само еден момент на квалитет. Токму таков момент се случи во финишот на првото полувреме. Центаршутот на Сане ја најде вистинската траекторија, а Осимен со типична напаѓачка реакција ја искористи лошата поставеност на дефанзивната линија и го претвори во гол.
Тоа беше акција што го сумираше целото прво полувреме: многу борба, малку простор и еден момент на индивидуален квалитет што ја направи разликата.

Второто полувреме започна со силен притисок од Бешикташ. Само во првите неколку минути домаќините имаа два корнери и неколку удари кон голот, сигнал дека дербито влегува во фаза во која резултатот мора да се брка со ризик и агресија. Галатасарај го издржа почетниот бран и на моменти се обиде дури и со повисок пресинг да ја оттурне играта подалеку од својот шеснаесетник.
Но вистинската пресвртница дојде во 62 минута. По груб старт врз Ридван Јилмаз, Лерој Сане по ВАР проверка доби директен црвен картон. Со играч помалку, Галатасарај беше принуден веднаш да го промени пристапот.
Формацијата се трансформираше во компактна дефанзивна структура 4-4-1, со Виктор Осимен како осамен напаѓач кој често се повлекуваше длабоко за да помогне во одбраната. Од тој момент натпреварот практично се претвори во опсада на половината на Галатасарај.
Бешикташ ја презеде целосната иницијатива, со серија центаршутеви, корнери и обиди од дистанца. Офанзивните замени дополнително го зголемија притисокот, но проблемот беше што нападите најчесто се сведуваа на директни топки и удари кои лесно се блокираа во густата дефанзивна структура.
Галатасарај се бранеше со голем број играчи во последната линија, во одредени моменти дури и со шест дефанзивно поставени фудбалери. Просторот пред голот беше минимален, а секој центаршут беше дочекан со релативно лесно расчистување.
Иако Бешикташ имаше осум корнери во второто полувреме и постојано ја оттурнуваше играта кон противничкиот гол, вистински вишок во нападот ретко се создаваше. Дефанзивната компактност и трпеливоста на Галатасарај беа доволни за да се издржи опсадата и да се задржи водството.
На крајот, токму тој период по црвениот картон ја дефинираше целата приказна на натпреварот – огромен притисок од една страна и упорен дефанзивен отпор од друга.

Дербито понуди сè што турскиот фудбал знае да даде – жестока атмосфера, многу дуели, десет жолти и еден црвен картон што целосно ја промени динамиката на натпреварот.
Бешикташ имаше енергија, поддршка од трибините и иницијатива во второто полувреме. Но Галатасарај покажа нешто што често ја прави разликата во шампионските трки – дисциплина, трпеливост и способност да се издржи притисокот во најтешките моменти.
Со оваа победа, лидерот ја зголемува предностапред Фенербахче, и испраќа силна порака дека контролата на шампионската трка останува во негови раце.

А.М.