
Пред мечот, Мурињо изјави: „Јас навистина би сакал да го елиминираме Реал Мадрид, а потоа Арбелоа да ја освои Ла Лига и да остане во клубот долго време“. Арбелоа потоа одговори: „Мурињо? Јас сакам да победиме и да ја елиминираме Бенфика. Мојата цел е да ги освоиме сите трофеи“. Ова беа само кратки цитати од пресовите на двајцата тренери. Менаџерот на Реал Мадрид допрва има што да докажува – вреден ли е за да остане на чело на кралскиот клуб и во следната сезона? Од друга страна, Мурињо како предводник на Бенфика овојпат – одамна нема што да докажува. Титулата „Специјалниот“ му остана долги години, трофеите се неброени, но амбицијата не ја крие – целта му е да постигне нешто специјално и со гигантот од Лисабон, во црвени дресови. Овој меч имаше своја предигра пред само три недели, кога Бенфика во лудачка завршница и со гол на голманот успеа да го победи Мадрид со резултат 4:2 во групната фаза, за така да обезбеди место во плејофот. Реал непланирано заврши во доигрувањето, откако првичната намера им беше да се пласираат директно во следната фаза.
Тактички осврт – од „тивка“ структура, до индивидуален блесок
Во првата битка од двомечот на домашната „Катедрала“, Бенфика се насочи на поседот на топка, со мирен пристап и без агресија во дуел-играта. На почетокот на натпреварот се обидоа да создадат вишок на средината, со што осетно го намалија ризикот и го стеснија просторот за брзи контри од страна на Реал. Екипата на Мурињо се постави со двајца играчи за врска пред одбранбената линија и инсистираше на комбинации од кратки пасови, кои натежнуваа во крилните зони.
Опасноста од Реал Мадрид во првиот дел дојде најмногу преку индивидуални потези на прескапите играчи со бели дресови. Долгите додавања во простор беа клучот со кој гостите се обидуваа да ги отклучат добро затворените зони. Тука пред сѐ се мисли на Александер-Арнолд. Тројката Т.А.А., Валверде и Чуамени создаваше одбранбен триаголник – во ситуација кога Бенфика преку левото крило Скјелдеруп се позиционираше за трк „еден на еден“. Камавинга и Валверде по левата и по десната страна флуидни и присутни во повеќе фази – и во дефанзивата, но и во креација и при намерата на Реал да го „рашири“ теренот, а најмногу во покривање на оние полупростори во зоните на противникот. Во нападот – Мбапе, Винисиус и Арда Гулер. Вини ја држеше ширината, Мбапе напаѓаше простор, а Гулер варираше помеѓу класична „десетка“ и внатрешно крило. Речиси при секоја акција во првото полувреме, гостите од Мадрид мораа да удвојуваат со пасови на крилните позиции за да се доближат до домашниот шеснаесетник.
Посериозните шанси дојдоа буквално пред паузата помеѓу двете полувремиња, но голманот на Бенфика, Трубин, ја продолжи добрата форма од претходниот натпревар и со неколку атрактивни одбрани ја одржа резултатската рамнотежа.
Во играта на Бенфика „најпасивна“ улога одигра играчот за врска со офанзивни задачи Рафа Силва – чијашто техника и брзина го издвојуваат од просекот, но тие предности не успеа да ги извади на површина против гостите од Мадрид. Шпицот на домаќините, Павлидис, делуваше целосно отсечен од играта на Бенфика која настојуваше да креира со кратки пасови, но и со удари надвор од шеснаестникот.
Во Реал Мадрид креативниот момент беше позапазен – дел од играчите ги заменуваа позициите, што беше случај со Гулер и Камавинга. Чуамени фиксен на позицијата пред одбранбените Хуијсен и Рудигер кои ретко ја преминуваа средината на теренот, но од нив започнуваа најголемиот дел од нападите на Реал Мадрид, со кратки пасови.
Во второто полувреме малку се наруши структуралната поставеност во играта на Реал Мадрид и почести беа налетите од крило на Винисиус, како и експлозивноста и проигрувањата на Мбапе. Една комбинација помеѓу нив двајца – пас од Мбапе и одлична „вртена“ топка на Винисиус странично од левата страна на шеснаесетникот, донесе предност за Реал пред реваншот. Бековската линија на Бенфика не задоцни, туку не успеа да го блокира ударот.

Во подоцнежните моменти од второто полувреме, Бенфика имаше потреба од згуснување на редовите во средината од теренот. Креативецот Рафа Силва веќе не беше на теренот, а неговото место го зазема Риос.
Тактичките измени дојдоа десетина минути пред крајот на официјалниот дел од натпреварот. Мурињо внесе брз играч во името на Кабрал кој игра на бековските позиции. „Специјалниот“ се обиде да ги искористи сите капацитети на располагање за ефикасен контранапад.
Насоките за одржување посед на топка од првиот дел веќе делуваа како далечно минато за „орлите“ од Лисабон. Структурата се распадна, а прагматизмот остана. Реал повеќе не бараше совршена позиција за напад – туку момент, да ја „распадне“ компактноста на Бенфика.
Главна точка на натпреварот – расистички наводи, црвен картон и реванш „на чекање“
Натпреварот мина во знакот на десетминутниот прекин, наводните расистички испади на играчот Престијани од Бенфика, како и бурните реакции на Винисиус. Драмата доби свое продолжение и со црвениот картон на Мурињо, кој бараше втор жолт за Вини, по фаул пред шеснаесетникот на Реал. Реваншот е за една недела – Жозе ќе се врати на „Бернабеу“ во Мадрид, но не и на клупата – само на трибините.
П.Д.
