
Типичен италијански дуел, кој според имињата на тимовите и на хартија – некогаш беше големо дерби. Крајниот резултат на „Сан Сиро“ веројатно ќе се покаже како еден од клучните во борбата за титулата.
Масимилијано Алегри ги врати резултатите на „Росонерите“, Милан повеќе не е во криза и годинава барем потајно се надева на највисок дострел. Минимумот за нив е да обезбедат пласман во Лигата на шампионите. Од спротивната страна, Парма предводена од триесетгодишниот Карлос Куеста е на пат да се зацврсти во средината на табелата. Во претходните две кола забележаа победи против конкуренти како Болоња и Верона. Па, иако се мачат со офанзивниот дел од играта, сепак се зацврстени на дванаесеттата позиција.
Натпреварот во најголем дел ги задоволи очекувањата – зонско надмудрување и променливо темпо, многу работа за судијата и на крај – малку голови.

Тактички осврт – тивка битка за посед, во лавиринт од густите редови на теренот
Во првото полувреме Милан имаше неколку шанси до кои дојде преку долги топки кои не ги активираа крилните позиции во целост туку во најголем дел мета беше веројатно најбрзиот играч на теренот – Рафаел Леао, во обид за пробив. Играчите на Алегри се потпреа и на шутот од далечина, но без посериозно да го загрозат голот на Парма. Гостите не се задржуваа долго во посед туку веднаш се впуштаа во контра, најчесто крилно, со неколку брзи комбинации пред да се отвори простор за центаршут. Најмногу работа имаа стоперите од двете страни – кои неброено пати интервенираа.
Централните зони на теренот беа густо распоредени. Петмина поставени и во формацијата на домаќинот Милан и кај гостите од Парма. На хартија слично – во пракса со малку поразлични задачи. Парма со тројца централни дефанзивци позади и двајца крилни бекови кои имаа многу повеќе работа во дефанзивниот сегмент. Милан компактно и дисциплинирано во формација 3-5-2, која се трансформира во 4-4-2 и среден блок.
И едните и другите остро и агресивно влегуваа во дуел на средината на теренот. Играта не се одликуваше со креативност ниту со „трка“ на теренот, а изостанаа и индивидуалните потези. Топката циркулираше помеѓу зоните со различно темпо – од долги и побрзи пасови, па сѐ до трпелива игра „нога до нога“, во потрага по простор. Миланистите со намера за тивка креација и контрола на поседот. Парма на еден чекор до брза трансформација – играчите поставени бочно најмногу придонесоа во битката за посед и освојување на оние „втори топки“, а често се одеше и на директен блок на играч.
Главниот фудбалер на Милан, Лука Модриќ, во второто полувреме покриваше неколку позиции – покрај улогата на организатор на играта на центарот, учествуваше и во креацијата со нафрлувања пред шеснаесетникот, а помогна и во контролата на поседот длабоко на половината на Парма.
Најсериозната шанса во вторите четириесет и пет минути за Милан дојде преку висока топка централно нафрлена во шеснаесетникот, а Леао со лизгачки шут успеа да ја погоди само стативата.
Најдобриот играч за Парма на „Сан Сиро“ беше далеку од креативните задачи и организацијата на Парма – станува збор за централниот дефанзивец Троило. Пресече многу топки и доби воздушни дуели, пред да го искористи единствениот корнер кој ѝ припадна на неговата екипа во второто полувреме.

Микро-детал што носи бодови – корнер што не беше случајност
Шефот на стручниот штаб на Парма, Карлос Куеста, е свежо лице на фудбалската сцена за кое допрва ќе се слуша. Недоволно познат за пошироката публика, но ова не важи и за поупатените. Куеста пред да го преземе кормилото на „заспаниот гигант“ Парма, занаетот го учеше од Микел Артета, како асистент во стручниот штаб на Арсенал. Младиот тренер таму работеше и со еден од највлијателните луѓе во струката на клубот од Лондон – човекот задолжен за тренирање на прекините, Николас Жовер. Неговата тактика, наједноставно кажано, се сведува на ефективна – „гужва“ во петерецот.
Токму тоа се случи и при голот кој го постигна стоперот Маријано Троило. Ситуацијата беше очигледна: двајца играчи на Парма му ја ограничија линијата на видик на голманот Мајк Мењон – доволно за половичен блок што го неутрализираше неговото излегување. Мењон остана без реакција, а Троило го доби воздушниот дуел на втора статива, постигнувајќи го голот кој ги донесе и трите бодови за гостинската екипа.
Ова не беше импровизација, туку прецизно поставена шема за експлоатирање на зонската поставеност на одбраната на Милан. Потоа, дел од медиумите во Италија заклучија: тактиката за корнери на Парма не е случајна, а јасно е од каде му е инспирацијата на тренерот. Куеста шармантно и едноставно одговара: „кога работиме на прекините, се обидуваме да имаме играчи подготвени да постигнат гол“.
П.Д.
