Елиминационата фаза на Светското првенство 2026 уште еднаш потврди зошто Мундијалот е најголемиот спортски настан во светот. Од почетокот на оваа фаза па сè до финалето гледавме тактички надмудрувања, големи изненадувања, драматични натпревари и репрезентации кои на различен начин се обидуваа да стигнат до светскиот трон. На крајот, титулата заслужено заврши во рацете на Шпанија, селекција која од првиот до последниот натпревар покажа најконстантен, најорганизиран и најдоминантен фудбал.

Шампион кој не остави простор за дилеми
Шпанија беше репрезентацијата што во текот на целата елиминациона фаза изгледаше најкомплетно. Поседот на топката, контролата на темпото, бројот на создадени шанси и тактичката дисциплина беа на највисоко ниво. Прими само еден погодок, против Белгија во четвртфиналето, а ниту една репрезентација не успеа сериозно да ја стави под притисок.
Индивидуалните признанија само ја потврдија тимската доминација. Родри сосема заслужено беше прогласен за најдобар играч на првенството, Унаи Симон за најдобар голман, додека Кубарси ја доби наградата за најдобар млад фудбалер. Финалето против Аргентина беше најдобриот доказ за надмоќта на Шпанците. Аргентина првиот сериозен удар кон голот на Симон го упати дури во продолженијата, додека Шпанија создаваше шанси во текот на целиот натпревар. Победата од 1:0 изгледа минимална само на хартија, бидејќи според прикажаното можеше да биде далеку поубедлива.

Изненадувањата и разочарувањата на нокаут фазата
Најубавата приказна на елиминациите без дилема беше Норвешка. Предводени од фантастичниот Ерлинг Халанд, Норвежаните покажаа дека дисциплинираната игра, самодовербата и вистинскиот лидер можат да победат и далеку поквалитетни противници. Елиминацијата на Бразил ќе остане еден од најголемите моменти на ова Светско првенство, а дополнителна убавина на нивната приказна донесоа и навивачите, кои создадоа една од највпечатливите атмосфери на турнирот.
Посебно признание заслужува и селекцијата на Зеленортски Острови. Репрезентација од која речиси никој не очекуваше ваков настап, а беше на чекор од елиминација на Аргентина. Недостигот на искуство пресуди во продолженијата, но тие го напуштија турнирот со високо кренати глави.
Од другата страна, најголемите разочарувања беа Германија и Португалија. Германците сензационално беа елиминирани уште во осминафиналето од Парагвај, додека Португалија, и покрај огромниот индивидуален квалитет, не успеа да покаже доволно за да се вмеша во борбата за самиот врв.

Тактиката како најсилно оружје
Најинтересниот дел од елиминационата фаза беше судирот на различни фудбалски филозофии. Шпанија и Аргентина стигнаа до финалето на сосема различен начин. Шпанците доминираа преку долг посед, позициона игра и постојано создавање простор меѓу линиите на противникот. Аргентина, пак, играше далеку попрагматично. Не беше секогаш најатрактивна за гледање, но знаеше како да победи и во натпревари во кои не доминираше.
Бразил направи тактичка грешка која скапо го чинеше. Наместо да ја преземе иницијативата, премногу често му ја препушташе топката на противникот, нешто што не одговара на квалитетот и карактеристиките на играчите со кои располага.
Франција до полуфиналето изгледаше исклучително сигурно, но против Шпанија индивидуалниот квалитет не можеше да ја надмине совршената тимска организација. Од друга страна, Англија уште еднаш покажа колку психолошкиот момент е важен во модерниот фудбал. По добри периоди на игра честопати несфатливо се повлекуваше, дозволувајќи му на противникот да ја преземе контролата. Со таков пристап упеаа против Мексико, но беа казнети во полуфиналето против Аргентина.

Светско првенство што ќе се памети
Освен новиот шампион, ова Светско првенство ќе остане запаметено и по неколку моменти што долго ќе се прераскажуваат. Походот на Норвешка и Зеленортски Острови покажа дека разликата меѓу големите и малите репрезентации станува сè помала. Од друга страна, натпреварот за третото место меѓу Франција и Англија беше вистинска спротивност на она што го гледавме во остатокот од елиминациите. Десет голови, минимална тактичка дисциплина и впечаток дека двете селекции повеќе размислуваа за крајот на турнирот отколку за медалот.
Новиот формат со 48 репрезентации донесе повеќе приказни, повеќе различни стилови на игра и повеќе неизвесност, а паузите за хидратација беа тема за која што се говортеше во текот на целото првенство
На крајот, Светското првенство 2026 ќе остане запаметено како турнир на кој тимската организација ја победи индивидуалната инспирација. Шпанија не беше само светски шампион – беше репрезентација која постави нов стандард за тоа како треба да изгледа модерен, доминантен и победнички фудбал.

Крај на една ера
Покрај новиот светски шампион, ова Светско првенство ќе остане запаметено и по историските индивидуални достигнувања. Лионел Меси и Килијан Мбапе уште еднаш потврдија дека се меѓу најголемите играчи на своите генерации. Мбапе турнирот го заврши со 10 погодоци, додека Меси постигна 8, а двајцата се искачија на самиот врв на вечната листа на стрелци на Светските првенства.
За Меси ова беше уште еден турнир на кој ја предводеше Аргентина до самиот крај и покажа дека, и во завршницата од својата кариера, сè уште може да биде разликата на теренот. Од друга страна, Мбапе уште еднаш демонстрираше неверојатна голгетерска моќ и потврди дека веројатно се наоѓа на врвот на својата фудбалска кариера.
Но, ова првенство ќе се памети и по уште една причина. За Лионел Меси и Кристијано Роналдо ова беше последниот настап на Светско првенство. По повеќе од две децении во кои го одбележаа светскиот фудбал, двајцата ја спуштија завесата на своите мундијалски кариери. Ривалство кое испиша безброј рекорди, инспирираше милиони навивачи и ја одбележа една цела фудбалска ера.
Со доминацијата на Шпанија, историските достигнувања на Меси и Мбапе, изненадувањето наречено Норвешка и збогувањето со две од најголемите имиња во историјата, Светското првенство 2026 понуди сè што еден љубител на фудбалот може да посака. Турнир кој ќе остане запаметен не само по резултатите, туку и како првенство на кое заврши една голема ера.
А.М.
