Фудбалска анализа со уреднички став. Структура. Контекст. Аргумент.

Мени
Почетна Анализи Ретро FPL Обложување За Контра Фаул Контакт

Прецизноста пред доминацијата во миланското дерби

На крајот на октомври на Ноќта на вештерките, се одигра првото „Дерби дела Мадонина“ сезонава. Дерби во кое Интер имаше повеќе посед на топката, повеќе удари и поголема територијална доминација. Но, победник сепак беше сепак екипата што знаеше како да го искористи просторот. Милан славеше со убедливи 3:1 на Сан Сиро, и со тоа покажа дека во фудбалот поседот не секогаш значи и контрола. Тактичките замисли на Рубен Аморим се покажаа како вистински „шамар“ за значително ослабениот состав на Кристијан Киву, па „Нероаѕурите“ го претрпеа првиот пораз во Серија А оваа сезона.

Аморим направи шест промени во однос на тимот што пред само неколку дена загуби од Болоња, а изборот на играчи донесе поинаква, но исклучително дисциплинирана слика на теренот. Милан функционираше во формација 4-4-1-1, која во одредени фази се трансформираше во 3-4-2-1. Наместо да се надигрува со Интер во поседот, домашниот тим постави тесен и компактен дефанзивен блок, чекајќи противникот да остави доволно простор за брз напад.

Од другата страна, Киву се соочи со сериозни кадровски проблеми. Отсуствата на капитенот Лаутаро Мартинез, како и на Куртис Џонс и Џон Стоунс, дополнително ја отежнаа неговата задача. Интер настапи со формација 3-4-2-1, во која Маркус Турам беше најистурен, а зад него дејствуваа Енди Диуф и Петар Сучиќ.

Клучот на натпреварот се криеше во начинот на кој Милан ги напаѓаше страничните позиции на Интер. Системот на Киву бара високо поставени бекови, а Карлос Аугусто и Џед Спенс често ја напуштаа својата дефанзивна зона за да дадат ширина во нападот.

Аморим одлично го прочита тој момент. На Мореира му даде задача да ја чува ширината и да го чека моментот за напад по освоена топка. Резултатот дојде набргу, во контранападите по секоја изгубена топка на противникот.

Офанзивната поставеност на Аугусто оставаше премногу простор зад него, со што Алесандро Бастони често остануваше изолиран во дуелите. Мореира максимално го искористи тој простор, учествувајќи во акциите за погодоците на Кристијан Пулишиќ во четвртата и Адриен Рабио во десеттата минута, а потоа и самиот се запиша меѓу стрелците со фантастичен погодок од слободен удар од околу 25 метри.

Една од најинтересните карактеристики на натпреварот беше свесната одлука на Милан да му го препушти средниот дел од теренот на противникот. Интер имаше малку повеќе од поседот на топката. Но, таа статистичка надмоќ не значеше дека тимот на Киву успева да создаде доволно квалитетни шанси.

Де Винтер и Павловиќ ја држеа дефанзивната линија компактна, го затвораа централниот простор и го принудуваа Интер да бара решенија преку страничните позиции. Така, „Нероаѕурите“ беа насочени кон центаршутеви и удари од потешки позиции, наместо кон продори низ срцето на одбраната. Голманот Мањан имаше неколку значајни интервенции и уште еднаш покажа зошто е важен дел од тимот на Милан.

Единствениот погодок за Интер дојде по добро извежбана акција од корнер. Хакан Чалханоглу изведе прецизен удар од аголот, Аканџи ја продолжи топката, а Бастони ја испрати во мрежата.

Сепак, обидот на Интер да се врати во натпреварот дополнително ги откри слабостите во неговата дефанзивна организација. Со оглед на тоа што Турам беше осамен во нападот и немаше класичен физички доминантен партнер покрај себе, средниот ред често се движеше премногу високо во потрага по вторите топки.

Тоа беше токму она што Милан го посакуваше. По секое успешно расчистување, Пулишиќ и Мореира добиваа простор за брзи контранапади, додека одбранбените играчи на Интер мораа да се враќаат кон сопствениот гол без соодветна заштита од средниот ред.

Најголемата победа на Аморим беше неговата подготвеност да се откаже од територијалната доминација за да добие простор. Со само 43 проценти посед, Милан остана компактен, ги контролираше опасните зони и чекаше грешки што можеше да ги казни со молскавични транзиции. Киву, пак, се обиде да го надомести кадровскиот дефицит со поголем офанзивен обем, но притоа ја загуби рамнотежата на својот тим. Одлуката да настапи со само еден класичен напаѓач беше значајно отстапување од досегашните навики, а Турам остана премногу изолиран во дуелите со дефанзивците на Милан. Ниту доцните измени успеаја да ја променат сликата на натпреварот.