Од „катанаџо“ до „канонада“

Некој ќе рече – несвојствено за италијанскиот фудбал. А, друг ќе одговори дека времињата одамна се сменија. Дербито на Италија или на убавиот италијански јазик напишано „Derby d'Italia“...

Извор: Football Italia

Некој ќе рече – несвојствено за италијанскиот фудбал. А, друг ќе одговори дека времињата одамна се сменија. Дербито на Италија или на убавиот италијански јазик напишано „Derby d’Italia“, понуди нешто што за минатите децении беше реткост. Мечот помеѓу Интер и Јувентус во Калчото каде што некогаш најдобро се играше одбрана, барем во последните неколку години е спектакл со многу голови – како што беше и дуелот во саботата. Битка која овојпат е далеку од борба за титулата како што прилега на тежината којашто со себе ја носат двата гиганти на европскиот фудбал. Јувентус во Милано на гости дојде по бодови тешки како планина, во битката за обезбедување елитен европски фудбал наредната сезона. Интер беспоштедно гази кон 21 Скудето, прво после сезоната 2023/2024.

Јувентус на почетокот ја постави својата офанзивна структура со намера хоризонтално да ја растегне последната линија на Интер, а крилата да се доведат во ситуации „еден на еден“. Интер потрпелив и поорганизиран во позициона смисла.

Повеќе играчи од различни позиции на Јувентус играа во функција на разработување на крилните позиции

Напаѓачите на Јуве речиси отсечени од креацијата, на сметка на намерата на Спалети да се оди крилно уште веднаш по изнесување на топката на половината на Интер. Јилдиз како ударна алка на левото крило, кој има повеќе простор да ја задржува топката и да чека да се отвори соиграч. На десната крилна позиција постојано се разменуваат пасови помеѓу бекот Калулу и крилото Консеисао.

Интер потрпеливо. Висока зона на стоперите при напад. Пократки пасови за разлика од Јувентус, но и повеќе креација. Стоперската тројка Бастони-Бисек-Аканџи учествуваат во креација, но Барела и Зиелински кои ги имаат централните зони од теренот како своја задача, покриваат во одбрана за спречат „пукнатини“. Крилните бекови ги затвораа полупросторите со агресивна игра на дуел во одбрана.

Јувентус отвораше простор со долги топки во напад и еден главен диригент во средината на теренот – капитенот Локатели. Целта беше јасна – да се избегне директен дуел со цврстите стопери, а да се нападне шеснаесетникот на втора топка. Првата сериозна шанса на мечот за Бјанконерите дојде по остар центаршут од десниот бек Калулу, а МекКени се обиде да стрела со глава. Се обидуваа и преку директен шут, странично од шеснаесетникот, да ја заобиколат густата одбрана на Интер, со тројца природни стопери во линија.

Извор: ESPN

Иницијативата во првите петнаесет минути од мечот му припадна на гостинот од Торино. А, веќе во 16 минута – првиот гол на мечот, на спротивната страна. Токму и акцијата која резултираше со погодок за домаќините на „Џузепе Меаца“, започна од стоперите кои на ова дерби имаа задача да учествуваат во креацијата и да го експлоатираат секој празен простор во средината на Јуве со двајца класични играчи за врска – покрај Локатели, тука беше и Мирети кој најмногу се најде во контра-пресингот и во разбивање на интензитетот на Интер. Бастони со пас до Барела, за потоа тој да ја отвори десната крилна позиција, а Турам како играч со изразени задачи само во шеснаесетникот на противникот, да прими одбиена топка и да ја искористи за завршен пас. Луис Енрике, за 1:0 за Интер. Бразилецот иако го имаше својот момент на слава, сепак се покажа и како една од послабите алки на теренот во фазата на одбрана – обидувајќи се да го покрие отсуството на стандардниот Дензел Думфрис. Една таква директна грешка во одбраната го чинеше Интер гол во својата мрежа.

Израмнувачкиот погодок на Јувентус дојде во 26 минута, по акција која беше зачната на десното крило со серија проигрувања помеѓу Калулу и Консеисао. Просторот што се отвори го искористи Меккени кој се извлече исто така странично, а центаршутот по земја Андреа Камбијасо со пласирана топка го претвори во гол. МекКени активен во креацијата, но и неколку посериозни шанси дојдоа токму од нозете на репрезентативецот на САД.

Во второто полувреме и Интер опасен од крилните позиции, но и поконкретен. Една од таквите шанси, преку нафрлување од левиот бек Димарко резултираше со гол со глава на високиот шпиц Еспосито, кој во вториот дел го замени стрелецот на првиот гол за Интер, Луис Енрике.

Во вториот дел Јувентус значајно ја промени својата структура. Свесни дека мечот ќе мора да го довршат со еден играч помалку, по исклучувањето на Калулу пред крајот на првото полувреме, Спалети го промени „есапот“ на теренот. Формацијата 4-2-3-1 ја замени со 4-4-1. Тренерот на Јувентус ова го направи со цел да ги згусне редовите во средината, за да обезбеди компактност во играта и да го насочи фокусот кон игра на контранапади. Следуваа пет измени на двете бековски позиции, две во средниот ред и една во нападот, пред капитенот Локатели во 83 минута да одигра многу понапред на теренот од тоа што му дозволуваше тактичкиот сетап на Спалети во првата фаза од натпреварот – доаѓајќи во позиција во шеснаесетникот, при комбинација со МекКени, да израмни на 2:2 со пласиран шут.

Упорноста на Јувентус да дојде до резултат и со играч помалку на теренот, не вроди со плод. Уморни од пополнување на недостатокот, играчите на Спалети не ги издржаа налетите на Интер до крај. Домаќините го напуштија концептот на зонски напади и започнаа поактивно да го наоѓаат голот на Ди Грегорио. Локатели закасни во блок на еден од ударите од далечина – но, овојпат не беше Чалханоглу туку Зиелински тој кој го зададе последниот удар. 3:2.

Јувентус беше поагресивен во почетната иницијатива, но предвидлив во играта. Интер беше поструктуриран, поконтролиран и поефикасен во позициона креација. Домаќинот создаваше преку структура, а Јувентус преживуваше преку адаптација.

Извор: Gazzetta

Резултатот на натпреварот и играта на двата тима сепак падна во сенка на еден спорен момент од натпреварот. Како безброј пати досега, судијата беше во фокусот на вниманието, наместо играчите на теренот. Исклучувањето на Калулу со втор жолт картон пред паузата помеѓу двете полувремиња, во јавноста беше оценето како неоправдано. Претставниците на Јувентус отидоа подалеку и потегот на Ла Пена го опишаа како „срамен“. Критики од пошироката јавност доби и стоперот Бастони, кој според многумина – симулираше дека е остро фаулиран. Неполни 48 часа подоцна, судијата ја призна грешката, но бодовите веќе легнаа на контото на Интер, за да ги лансира на +8 бода пред конкурентот за титулата Милан, кој е и со натпревар помалку.

П.Д.