
Со петорица во одбранбената линија и бедем во средината, Елче уште од почетокот расчисти со дилемите околу прашањето: со каква намера ќе настапи во второто коло. Потежок противник не можеа да добијат – го пречекаа шампионот Барселона на Естадио Мартинез Валеро. Домаќинот во потрага по дефанзивна стабилност и баланс во играта, но и со фокусот на контранападите. Гостите од Камп Ноу, пак, свесни дека уште од почетокот ќе ја имаат контролата и поседот на топката, истрчаа во формација 4-2-3-1. Неколку нови имиња во составот на бранителот на титулата, но костурот на тимот речиси истиот како и во минатата сезона, предводени од шпанските фудбалери кои сега во своето CV ја имаат впишано и светската шампионска титула.
Како Барселона ги развлече линиите на Елче
Барселона со стил и „петарда“ во првиот натпревар од сезоната даде до знаење дека и годинава ќе цели високо и дека амбициите се уште поголеми од лани. Ханси Флик продолжи да експериментира тактички и да ги пресликува на теренот своите замисли од таблата. Елче се обиде да го избегне невозможното, но од овој натпревар можат да излезат само со поука и без никаков поволен резултат.
Тактички гледано, тимот од Камп Ноу покажа како со вертикалност, длабочина и постојана закана зад последната линија може да се дестабилизира противник кој се обидува да се брани компактно. Наместо класична позициона доминација преку долг посед и кратки додавања, Барса многу почесто ја бараше најдиректната патека до голот преку освојување на топката, брза транзиција и напад на просторот пред Елче да ја се постави во својата структура.
Една од клучните карактеристики на нападот кај шампионот беше манипулацијата со хоризонталната и вертикалната компактност на Елче. Адејеми ја обезбедуваше длабочината преку брз напад на простор зад одбранбената линија, додека присуството на Ламин Јамал и Рафиња дополнително ги растегна редовите на домаќинот и наметна дилема кај нив – дали да излезат во ширина или да останат во зоната и да го контролираат просторот зад себе?
Секое отстапување од зоната на дефанзивците на Елче отвораше коридор за влез во внатрешниот простор. Но, најчесто Барселона добиваше време за прием на топка, свртување и продолжение на акцијата во подлабоките зони. Адејеми не мораше постојано да игра со топката за да има влијание врз играта туку доволна закана за противникот беше неговото движење кое автоматски ја менуваше позицијата на одбранбениот блок на противникот.
Финесите од „бележникот“ на Флик
Фактот што Барселона играше без класична деветка и по подолго време без играч како Левандовски, дополнително го промени начинот на кој Елче мораше да се брани. Рафиња ја презеде улогата на најистурен играч, но неговото движење не беше ограничено на централниот простор. Тој се спушташе, се поместуваше кон полупросторот и ја користеше моменталната дезорганизација за да нападне простор во кој можеше да прими топка свртен кон голот. Тоа е особено важно против низок блок. Ако деветката стои фиксирано меѓу двајца стопери, одбраната добива релативно едноставна задача. Но, кога најистурениот играч постојано ја менува висината и ширината на својата позиција, стоперите мора да менуваат начин на игра и да носат одлуки побрзо и почесто во текот на мечот.
Посебно интересен беше начинот на кој Барселона ги ослободуваше играчите од втор план. Фермин Лопез не мораше постојано да биде вклучен во првата линија на изградба на акциите, туку напаѓаше од позадина.
Кога Рафиња ја привлекуваше одбраната, а Адејеми ја држеше последната линија длабоко, Фермин добиваше можност за втрчување во шеснаесетникот. Тоа е еден од примерите за принципот на „трет човек“ — играчот кој не е директно вклучен во првата комбинација, но го користи движењето на соиграчите за да се појави во слободната зона за маневар.
Неговите два гола токму на тој начин го илустрираа ова. Фермин не беше само уште еден играч кој се обидува да прими топка меѓу линиите туку беше активен напаѓач на последната третина, особено опасен кога можеше да влезе во шеснаесетникот со динамика.

Нападите на Елче завршуваа уште пред да започнат
Другиот клучен елемент беше однесувањето на Барселона веднаш по загубената топка. Флик не сакаше Елче да добие чист прв пас во транзиција. Првата реакција беше контрапресинг — затворање на најблиските опции, агресивно притискање на носителот на топката и обид за повторно освојување пред противникот да може да ја подигне главата и да ја пронајде длабочината.
И првиот гол е добра илустрација за тоа. Бекот Чави Еспарт го притисна Елче веднаш во зачетокотна акцијата, ја прекина линијата на додавање, Фермин ја презеде топката и го активираше Рафиња, кој изнуди пенал. Ова не е индивидуална акција, туку пример за директна последица на пресингот и краткото растојание помеѓу линиите на Барселона.
Тука се издвојува една од главните разлики помеѓу поседот како сува статистика на хартија и поседот како тактичко оружје. Барселона не мораше да ја контролира топката со долги, хоризонтални додавања за да ја контролира динамиката на натпреварот. Со контрапресингот таа ја контролираше и следната фаза од играта, во моментот веднаш по загубена топка.
Резервите на сцена во второто полувреме
По паузата помеѓу двете полувремиња, промените дополнително го променија текот. Влегувањето на Ентони Гордон донесе пред сѐ свежина, но и директност и дополнителна способност за напад на последната линија. Англичанецот не мораше да форсира индивидуални акции и најмногу придонесе со вертикално движење, но и со способноста да го забрза темпото на Барса.
Токму Гордон учествуваше во изградбата на третиот и четвртиот гол, асистирајќи му на Рафиња, а потоа и на Фермин.
Од тренерска перспектива, ова е можеби најважниот заклучок. Барселона не го победи Елче само со индивидуален квалитет. Го натера противникот постојано да решава различни проблеми: длабочина од Адејеми, позиционирање во полупросторот од Рафиња, доцни втрчувања од Фермин и вертикална закана од Гордон.
На крајот се покажа дека 0:5 не е само резултат на ефикасност и „снајперска“ реализација. Барселона успеа да го натера Елче постојано да биде растргнат помеѓу приоритетите во одбраната – да се фокусираат на широчина, длабочина, простор меѓу линиите или директна закана зад одбраната. И токму тука Блауграна го најде клучот за спречување на компактноста на домаќинот.
