Лидерска лекција во Северен Лондон

Севернолондонското дерби дојде во специфичен момент за Тотенхем – со нов тренер на клупата и обид за ресет на сезоната. Доаѓањето на Игор Тудор донесе надеж за реакција, енергија и поагресивен пристап, но и дополнителен притисок затоа што дебито му беше токму против лидерот на табелата.
Од другата страна стоеше Арсенал, тим што веќе нема простор за грешка во трката за титулата и што по двата последни кикса мораше да испрати јасна порака. Дербито ветуваше интензитет и неизвесност, но прашањето беше дали „ефектот на новиот тренер“ можа да ја намали разликата во квалитет и длабочината на ростерот на двете екипи.

Од самиот почеток на дербито беше јасно дека Арсенал дојде целосно да го контролира натпреварот. Темпото беше високо, линиите компактни, а движењето без топка постојано создаваше позиционен вишок. Нападите беа организирани на највисоко ниво – доаѓаа преку ширина, брза циркулација и постојан притисок врз последната линија на Тотенхем. Клучот на целата структура беше средниот ред. Деклан Рајс учествуваше во сите акции на својот тим, секој напад мораше да почне токму од моторот на екипата за потоа да продолжи најчесто преку крилните играчи, со огромен број на креативни решенија и голем број на креирани шанси уште во првите дваесет минути од мечот.
Од другата страна на Тотенхем не му остануваше ништо друго освен да се брани длабоко, со агресивно излегување, пред сè над крилата на Арсенал и обид да ја затворат ширината, но и без некоја офанзивна транзиција. Тоа создаде лажен впечаток на отпор – многу играчи зад топката, но без вистинска идеја кога ќе се освои посед. Првиот гол на Арсенал дојде токму од таков позиционен напад: ширење по крило и добар продор на Сака кој што го искористи моментот кога не беше чуван од одличниот Спенс, влез во празен простор, ја протна топката во шеснаесетникот за таму да си ја заврши својата задача на најдобар начин Езе, на кој што Тотенхем му станува омилен противник. Израмнувањето на Тотенхем, пак, беше производ на индивидуелна грешка, а не резултат на некаква системска надмоќ.
Во второто полувреме пристапот на Арсенал стана уште поинтелегентен, по инструкции на Артета, имаше моменти кога гостите за нијанса ќе се повлечеа со цел да го вовлечат Тотенхем повисоко и да го отвори просторот зад нивната одбрана. Тука дојде до израз тактичката зрелост. Рајс заедно со Зубименди продолжија да доминираат во средината на теренот, како офанзивно, така и во дефанзивниот сегмент. По крилата, Сака и Езе постојано создаваа вишок, додека Виктор Ѓокереш одигра клучна тактичка улога: освен двата гола, постојано ги врзуваше стоперите за себе, отворајќи простор за втрчувања од втор план. Како што заморот кај домаќините стануваше поочигледен, просторот меѓу линиите се зголемуваше. Тудор го освежи тимот, со она малку што го имаше на клупата, а тоа беа офанзивни играчи како Соланке и Ричарлисон – реалноста е дека му недостасуваше свежина во средниот ред и играчи што се креативни и што ќе го дадат оној последен клучен пас. Иако на хартија Тотенхем ги има Симонс, Галагер, Греј, па дури и Палиња кој што на ова дерби имаше дефанизвни задачи, сепак тоа беше далеку од доволно за да се одговори на структурниот притисок што го наметна Арсенал.

Овој натпревар не се скрши само со тактитка, туку со ресурсите со кои располагаа Артета и Тудор. Тотенхем влезе со скратен ростер и практично без можност за вистинско освежување, додека Арсенал со секоја измена внесуваше нов квалитет, свежина и дополнителен интензитет.
По 60. минута разликата стана очигледна – заморот кај домаќините, просторот што почна да се отвора во дефанзивата и способноста на Арсенал веднаш да го казни секој пад на концентрација. Токму во тој период најјасно се виде зошто длабочината на составот е клучен фактор во борбата за титулата.
На крајот може да заклучиме дека Арсенал одигра меч на зрел тим што знае кога да притисне, кога да ја смири играта и кога да го затвори противникот до крај. Тотенхем имаше многу кратки моменти на отпор, но со ограничени ресурси и пад на енергија, немаше начин да издржи цел натпревар на такво темпо. Разликата не беше само во резултатот, туку во менталитетот и физичката подготвеност. „Топџиите“ јасно покажаа зошто се на врвот, а Тотенхем зошто го чека тешка борба за опстанок, колку и чудно да звучи тоа.

A.M.