
Освојувањето на титулата на Светско првенство во фудбал 2006 од страна на Италија не беше приказна за доминација преку спектакл, туку за тим што успеа да креира контрола, трпение и колективна одговорност. Тоа беше турнир на кој Италија покажа дека модерниот фудбал не се добива само со талент, туку со структура, тактичка дисциплина и психолошка стабилност.
Овој тим не беше најгласниот фаворит и веројатно токму тоа беше причината зошто „аѕурите“ без голем притисок и очекувања, успеаа да дојдат до тронот.
Тактичка стабилност како темел
Под водство на селекторот Марчело Липи, Италија изгради систем кој минимизираше ризик, но не ја гушеше креативноста. Клучот беше во балансирана поставеност:
– стабилна одбрана
– среден ред што знае да го контролира темпото
– напад што знае да ја искористи секоја понудена шанса
Ова создаде тим кој имаше стабилност, дури и во моментите кога беше под притисок. Италија ретко кога дозволуваше натпреварите да бидат хаотични и без нивна контрола – едноставно, ги сведуваше на шаховска партија.
Одбранбена линија што постави стандард
Капитенот Фабио Канаваро, како и голманот Џанлуиџи Буфон, одиграа турнир кој и денес се користи како пример за интелигентна дефанзивна игра. Италија прими минимален број голови, а најважно – ретко дозволуваше чисти шанси од страна на своите противници.
Клучните принципи беа читање на играта пред да се развие акцијата, компактност меѓу линиите и комуникација што ја елиминира потребата за панични интервенции
Оваа одбрана не беше само физичка бариера – беше тактички механизам што ја гаснеше иницијативата на противникот.

Среден ред: мозокот на тимот
Играчите од средината на теренот беа задолжени за контрола на темпото. Тука особено се истакна Андреа Пирло, чија способност да чита простор и време му овозможуваше на тимот да дише дури и во најинтензивните моменти.
Овој сегмент овозможи стабилен премин од одбрана во напад, минимизирање на изгубени топки како и креирање шанси без непотребен ризик
Италија не брзаше. Италија чекаше вистински момент.
Хронолошки тек на настаните
Италија беше во, барем на хартија, релативно лесна група. Во оваа фаза од натпреварувањето играа со Гана, САД и Чешка и со седум освоени бода ја завршија групната фаза на првото место, типично италијански, со постигнати пет, а примен само еден гол.
Лесно се справија со Гана и со Чешка победувајќи ги со идентичен резултат од 2:0, додека со САД во еден навистина тензичен меч, со дури три црвени картони, одиграа 1:1.
Во 1/8 финалето налетаа на вистински џек пот, се соочија со репрезентацијата на Австралија и беа апсолутни фаворити за пласман во наредната фаза. Но, црвениот картон на Матераци направи збрка на теренот и предизвика нервоза кај сите италијанци. Сепак, со пенал длабоко во судиското надополнување, Франческо Тоти стрелаше за огромна радост на своите соиграчи, стручен штаб, фанови.
Во 1/4 финалето повотрно имаа зицер. Следен противник беше Украина предводена од Шевченко, но во овој натпревар, веројатно со научена лекција од претходниот меч, влегоа апсолутно фокусирани и пред околу 50.000 гледачи на трибините свое шоу имаше Лука Тони кој со два гола беше главната ѕвезда на теренот. Вкупни 3:0 за пласман во 1/2 финалето.
А во 1/2 финале спектакал. Италија – Германија, на Сигнал Идуна Парк во Дортмунд, пред огромен број на германски навивачи на трибините, со една цел – да ја играат својата препознатлива игра, затоа што токму тоа беше дефиниција за сигурен успех. По 90 минути беше 0:0 во речиси изедначен натпревар и огромно тактичко надигрување на Липи и Клинсман. Во продолжението беше слично, се играше фудбал како да е прво полувреме, а не како да се поминати повеќе од два часа од почетниот свиреж. И кога сите веројатно очекуваа пенали, најпрвин Гросо по феноменална асистенција на Пирло, а потоа рекацијата на Канаваро во дефанзивата, тркот на Џилардино и феноменалната завршница на Дел Пиеро, ги донесоа „аѕурите“ на само еден чекор од освојување на најважната интернационална титула.
Финалето против Франција беше тест на карактер, трпение и дисциплина. Дури и во моменти на висока тензија, Италија не отстапи од својот систем. Прв пат на турнирот се соочија со негатива, кога Зидан од пенал ја доведе Франција во водство од 1:0. Но смиреноста се чувствуваше кај италијанските играчи и само по нешто повеќе од 10 минути преку Матраци, дојдоа до веројатно најважниот гол на првенството. Натпреварот имаше многу интересни моменти, Франција беше за нијанса подобар противник, но неколкуте одбрани на Буфон не дозволија „триколорите“ да се радуваат. Натпреварот замина во продолжение, два пати по 15 минути и таму се случи настанот кој ќе остане впишан во историјата на фудбалот. По провокација од Матераци, Зинедин Зидан, на кој што му беше последен натпревар во кариерата, направи исклучително глуп потег и со глава го удри дефанзивецот на Италија. Црвениот картон што го покажа аргентинскиот судија Елизондо, беше и тоа како клучен детал за разнишување на психолошкиот момент на Франција.
Во пенал рулетот Италија ги погоди сите пенали, додека за Франција промаши Трезеге. Последниот пенал и ударот на Гросо донесоа огромна радост на чизмата и освојување на четвртата титула на најважниот интернационален собир.
На ова Светско првенство, Италија даде 12, а прими само два гола. Имаа дури 10 различни стрелци, а по два гола постигнаа Матераци и Лука Тони. Џанлуиџи Буфон ја однесе наградата за најдобар голман на првенството, додека во All Star тимот се најдоа дури седум играчи на сите позиции.

Финални импресии
Титулата од 2006 не беше само спортски успех – туку доказ дека:
– организираноста секогаш победува
– трпението создава предност
– тактичката поставеност е подеднакво важна како и индивидуалниот квалитет
Италија од 2006 останува пример како се освојува турнир каде што секој детал е пресуден. Тоа беше тим што не бараше спектакл – туку резултат изграден врз интелигенција и колективна одговорност. Затоа оваа генерација не се памети само како светски шампион, туку како модел за тоа како се гради победнички систем.
