
„Приоритет за нас е да се пласираме во Лигата на шампионите, а не да го освоиме Скудетото. Но, во фудбалот никогаш не знаете што може да се случи“ порача менаџерот на „Росонерите“, Масимилијано Алегри. Ова може да се толкува како обид да го тргне притисокот од своите играчи. Кристијан Киву од клупата на „Нероазурите“ малку повоздржан во изјавите. Порача дека Интер не смее да го загуби својот идентитет иако и реми би било доволно во трката за титулата. На крајот неговата екипа не успеа да дојде ниту до еден бод. Но, останува во најдобра позиција пред крајот на сезоната – седум бода пред второпласираниот Милан. Останати сериозни конкуренти нема – но, дали ќе успее Киву да ја задржи стабилноста и да остане чекор напред, во последните десет кола?!
Компактноста на Милан против позициониот напад на Интер – кој кого надмудри во градското дерби?!
Самиот почеток беше најава за тоа што следи. На хартија – судир на две трансформирачки формации 3-5-2, кои во дефанзива се претвораа во 5-3-2. Но, во пракса се виде различен пристап и различни намери кај тренерите Алегри и Киву.
Темпото на игра во првото полувреме беше релативно бавно. Интер го контролираше поседот и се обидуваше да ја гради играта преку кратки комбинации. Милан беше организиран зад топката и често се бранеше во низок блок.
Креацијата на „Нероазурите“ се одликуваше со потрага по простор помеѓу линиите преку стрпливо циркулирање на додавањата. Милан се закануваше со подиректен пристап – долги топки од длабочина и брзи транзиции.
За долгите додавања кај Милан најчесто беше задолжен Лука Модриќ, но сепак опсегот на движење не му беше ограничен само на длабоките зони. Често се приклучуваше и во фазата на напад пред шеснаесетникот на Интер, а неколкупати се закани и со удари од дистанца. Во дефанзивната транзиција, крилните напаѓачи Леао и Пулишиќ често ја изнесуваа топката со трк, иницирајќи брзи контранапади.
Сепак, токму Интер беше тимот кој во првото полувреме дојде до најсериозна шанса како плод на контра, откако пресечено додавање заврши во нозете на играчот за врска Мхитарјан. Тој индидивидуално продре до противничкиот шеснаесетник, но шутираше директно во голманот Мењан.
Мхитарјан и Зиелински покрај обврските во средниот ред, често се приклучуваа и во последната третина на противникот. Интер настојуваше на креација преку тројна ротација во полупросторите и комбинирање помеѓу линиите, но при речиси целосно покриени зони – се обидуваа да го „рашират“ противникот и со директни додавањата кон крилните зони. Тоа беше планот Б. Како оска на стабилност централно на теренот делуваше Барела, кој иако подолго време не е во форма и понатаму останува неизоставен елемент во структурата на тимот.
Средниот ред на Милан овојпат беше речиси целосно ставен во функција на одбраната, секој со своја посебна улога. Модриќ плејмејкер, додека пак Рабио и Фофана затвораа во полупростор, додека се формира одбранбената линија од петмина позади во низок блок. Наместо агресивен пресинг, Милан се потпираше на компактност и згуснати линии со цел да ги затвори просторите, навлекувајќи го противникот да прави потег повеќе на триесетина метри од голот.
Голот за „Росонерите“ го постигна левиот бек, по акција што започна како полуконтра – со контролирано изнесување на топката од својата половина. Фофана со продорна топка го најде Еступињан на лево крило, кој со трк и одлична завршница ги искористи дефанзивните слабости на бекот Луис Енрике.
Одбранбената линија на Интер поставена високо и со поголема улога во одржување на поседот и изградба на акциите – често започнувајќи иницијатива со потезите на Бастони, Аканџи и Бисек. Со овој модел, Киву се обидуваше да го затвори просторот помеѓу последните две третини на теренот, особено поради фактот што Димарко и Енрике во фазата на напад беа поставени високо во крилните зони, но продираа и кон средината.
Интересно е тоа што улогата која кај Интер ја имаа бековите во одбранбената транзиција, кај Милан во одредена мера ја преземаа крилните напаѓачи Леао и Пулишиќ. Затвораа полупростори и често се враќаа до својот шеснаесетник – подготвени за удвојување и брза контра од рабовите на шеснаесетникот.
Во вториот дел, во игра кај Интер влезе десниот бек Думфрис. Тоа донесе нови видици во играта, зачестија центаршутевите од десната страна – шанса за високите Пио Еспосито и Бони директно да ги предизвикаат на дуел стоперите на Милан. Едниот од шпицовите постојано се извлекуваше пред одбраната за да прими топка, но двајцата учествуваа во висок пресинг над стоперите на Милан кои мирно и со комбинации го „впиваа“ притисокот, помогнати од Модриќ кој позиционо често застануваше во радиусот на движење на централната дефанзива.
Вториот дел од мечот донесе мали структурни промени кај Милан. По седумдесеттата минута од натпреварот, крилниот напаѓач Леао излезе надвор од игра, а на неговото место Алегри внесе класичен шпиц во името на Фулкруг. Недостатокот на брзина во транзициите по оваа замена, се компензираше со внесување во игра на Нкунку, на местото на Пулишиќ во 84 минута – со една единствена цел, да се оди на контра што подалеку од голот и да се зачува водството.

Судиите под лупа: одлуките кои го „зачинија“ миланското дерби
На крајот – неколку спорни ситуации, но ништо не го загрози водството на Милан. Најпрво еден пад на напаѓачот Пио Еспосито по благ контакт во шеснаесетте метри. Следуваше и гол кој Интер го постигна по нафрлување од корнер во 92 минута – дали судијата даде знак?! Според човекот „во црно“ Довери, погодокот беше нерегуларен затоа што изведувањето го претрка судиското свирче. Имаше и една игра со рака на играчот од средниот ред Ричи, кој во 73 минута го замени Фофана. Во моментот на контактот, Ричи ја враќаше раката кон своето тело, а судиите во ВАР-собата проценија дека не е потребно да реагираат. На крајот, голот на Еступињан од првото полувреме се испостави како клучен и со тоа запре серијата на Интер од петнаесет лигашки натпревари без пораз. Траеше од ноември месец, откако Интер загуби со истиот овој резултат, од истиот противник – градскиот ривал Милан.
П.Д.
