
Во Торино се одигра реванш мечот помеѓу Јувентус и Галатасарај што долго време ќе се прераскажува. „Старата дама“ влезе во дуелот со, се чинеше огромни и недостижни три гола негатива од Истанбул и со сериозна резултатска криза зад себе, но сепак со јасна намера да ја спаси сезоната во една вечер. Од друга страна стоеше Галатасарај, тим што дојде во Торино со комотна предност, офанзивна самодоверба и убедување дека осминафиналето е на дофат.
Ова беше натпревар што го покажа карактерот на двата тима – храброста на Јувентус да се бори до крај и зрелоста на Галатасарај да ја искористи шансата кога противникот веќе беше на раб на исцрпеност. Во вакви вечери не победува само квалитетот, туку и способноста да се преживее се она што се случува на теренот и да се донесе вистинска одлука во клучен момент.
Карактер, храброст и замор – херојството што имаше рок на траење
Јувентус го отвори мечот со јасна офанзивна структура: ширина преку крилата, рани уфрлања во шеснаесетникот и пресинг во средниот блок. Планот беше едноставен – рана психолошка доминација и притисок врз последната линија на Галатасарај.
Во првото полувреме тоа функционираше. Високиот блок ја скратуваше играта на Галата, Копмајнерс и Локатели имаа клучна улога во одземање на топките во транзиција, а нападите се градеа со 5-6 играчи во завршната третина. Пеналот и водството беа логичен производ на тој притисок.
По црвениот картон во 48. минута, наместо да делува попретпазливо за својот гол, Јувентус ја промени геометријата на играта. Со десет играчи се повлече за нијанса подлабоко, барем во почетните моменти откако остана без Кели, но играше побрзо во транзиција. Галатасарај се подотвори, што создаде простор за Јилдиз и Консеисао по крилните позиции. Средината на двете екипи практично исчезна од теренот – натпреварот се претвори во вертикален фудбал од шеснаесетник до шеснаесетник.
И вториот и третиот гол дојдоа токму од таа хаотична, но храбра поставеност. Воздушната доминација и освојување на вторите топки беа клучниот тактички адут. Јувентус ги добиваше речиси сите дуели во воздух, особено во последната зона. Но, тука дојде и прашањето, може ли италијанскиот тим да го издржи притисокот до самиот крај. Играч помалку значи повеќе трчање. Повеќе трчање значи поголем замор и побрз пад на концентрацијата. Во продолженијата линиите почнаа да се раздвојуваат, бековите каснеа во враќањето, а транзициите, иако ги имаше и постоеа, веќе не беа толку синхронизирани.
Јувентус го направи невозможното возможно со карактерот што го покажа на теренот. Во неколку наврати ги доведе своите навивачи до делириум и го претвори „Алијанц Стадиум“ во експлозија од емоции. По тешкиот пораз во Истанбул шест дена претходно, тимот успеа целосно да ја врати надежта и вербата во пресврт. Со трите гола во регуларните 90 минути не само што го врати двомечот во живот, туку и ја зачува честа на клубот во една од најтешките вечери сезонава.

90 минути во проблеми, но и реакција во клучната фаза од натпреварот
Галатасарај во регуларните 90 минути не одигра меч на тим што заслужува да помине во осминафиналето. Почетната поставеност беше разумна – длабок блок, компакност и обид да се забави ритамот, но како што притисокот на Јувентус растеше, дисциплината почна да попушта. Во првото полувреме дозволија премногу лесни напади и пробиви на противникот. Средината не успеваше да го задржи поседот доволно долго за да ја одмори одбраната, што значеше константен бран на напади кон нивниот гол. Пеналот беше резултат на пресинг и грешка под притисок, нешто што тим со ваква предност мора да го избегне. Клучниот момент дојде по црвениот картон. Со играч повеќе, Галатасарај требаше да ја преземе целосната контрола, преку долги поседи, ширење на теренот и ситуации во кои што ќе го натераше противникот на повеќе трчање и физичка исцрпеност. Наместо тоа, премногу брзо влегуваа во завшрница и му дозволија на противникот отворена транзиција, што и тоа како им одговараше на домаќините. Третиот примен гол беше алармантен: со играч повеќе да примиш три гола, а трите да бидат од прекин или од втора топка, значи дека станува збор за проблем во организацијата и концентрацијата.
Сепак, разликата се виде во продолженијата. Јувентус физички падна, а Галатасарај конечно ја искористи бројчаната предност како што треба. Поседот стана подолг, движењето посмирено, нападите поорганизирани, а голот на Виктор Осимен беше резултат на тоа. Конечниот гол на Бариш Јилмаз дојде во ситуација што е класичен пример за казнување на целосно отворениот противник.
На чекор до чудо, но елиминацијата беше неизбежна
Јувентус одигра натпревар на карактер, срце и волја. Со играч помалку постигнаа три гола и го вратија двомечот од безнадежна позиција. Но, фудбалот на ова ниво не простува пропуштени моменти. Шансата на Жергова на почетокот на продолжението беше пресекот меѓу херојство и трагедија. По неа, заморот и просторот што се отвори ја одлучија судбината. Галатасарај преживеа, издржа и во клучниот момент беше поефикасен.
Овој двомеч понуди се што Лигата на шампионите треба да има – драма, пресврти, контроверзии и многу емоции. И ќе се памти долго.
