
Тактичарите добија главен збор уште во второто коло од Серија А. Комо на крилата на минатосезонскиот успех сега се во потрага по уште повисок дострел. Каде е „плафонот“ на тимот на Фабрегас?! Одговорите ќе ги добиеме сезонава, во која сино-белите езерџии ќе имаат обврска да излезат со чист образ од дебитантскиот настап во Лигата на шампионите. Но, тука се и амбициите повторно да ги измешаат сметките на гигантите од Калчо и да го надминат четвртото место од лани. Алегри, пак, го продолжува своето патешествие низ големите италијански клубови. Беше во Јувентус, два мандати истера и во Милан, пред да го преземе кормилото на Наполи – една од најжешките фотелји во Италија. Под директен надзор на сопственикот и претседател на клубот, Де Лаурентис, сега од Алегри ќе се бара да продолжи онаму каде што застанаа Спалети и Конте пред него – токму на врвот на табелата во Италија. Ништо помали не се и очекувањата на домашните навивачите од југот на Италија. Но, какви се реалните можности на клубот кој летово имаше оскуден трансфер пазар, со неколку дилови и без големи имиња?!
Со силен пресинг до тактичка и резултатска предност
Уште од почетокот на натпреварот двата тима ги градеа нападите трпеливо, слеано, со многу пасови и високо поставени одбранбени линии. Во формацијата 4-2-3-1, креацијата на Комо започнуваше уште од стоперите и во зачетокот на речиси сите акции пасови разменуваа централните дефанзивци Чалобах и Рамон. Екипата на Фабрегас подеднакво ги третираше и централните и крилните зони при креацијата, наместо да експлоатира една од страните на теренот. Наполи, пак, влезе подиректно во обид да ги искористи сите слободни простори од левата и десната страна на дефанзивната линија на Комо. Алегри ги постави бековите повисоко во фазата на напад, а напаѓачката формација 4-3-3 значеше минимум двајца фудбалери зад навалната линија односно во средината на теренот и помеѓу линиите – со задача да дадат завршен пас или да бидат закана од втор план.
Добрата организација во играта на Комо донесе водство на гостите уште во 16 минута од првото полувреме. Но, голот не дојде од бавна и промислена акција. Токму способноста на Комо да игра разновидно – од директна игра па сѐ до игра „од нога до нога“ дојде до израз. Со дијагонална топка го префрлија тежиштето од левата на десната страна, пред да се поврзат двајцата крилни напаѓачи на Комо, Диао и Батурина и да го донесат првиот гол. Диао не беше удвоен на десната страна, го доби дуелот со бекот Оливера кај Наполи, па нафрли ниско, а Батурина добро се позиционираше централно во шеснаесетникот и само пласираше во голот на Мерет. 0:1 за Комо. Гол кој сепак беше последица на лошата организација и бавната интервенција на одбранбената линија на Наполи. Не удвоија на левата бековска позиција пред Диао да нафрли, а кога топката дојде во шеснаесетникот тогаш залуден беше обидот на десниот бек Ди Лоренцо од втор план да интервенира со блок при шутот на Батурина.
Кон крајот на првото полувреме, Наполи ја засили иницијативата. Тоа доведе до израмнување преку една позициона акција. Голот на напаѓачот Хојлунд дојде како резултат на длабинско додавање од централната зона и помеѓу двете последни линии во структурата на Комо, на околу дваесет метри од голот. Сепак, ова не беше плод на креативноста на играчите од средниот ред на Наполи. Имено, стоперот Рахмани се поврза со Хојлунд, кој со потег го извлече едниот од централните дефанзивци на Комо, си отвори простор и пласираше во долниот десен агол од голот на Бутез.
И покрај тоа, Комо не се обесхрабри. Вториот гол го постигнаа набрзо, по силен пресинг и како казна за намерата на Наполи да појде во акција со кратки пасови од стоперските позиции. Истиот човек кој беше асистент за Наполи (Рахмани) направи кикс, под притисок ја загуби топката во шеснаесетникот, па тоа беше само лесна егзекуција од страна на шпицот Доувикас.
Во првото полувреме особено интересен беше податокот што еден од играчите кои најмногу истрчале во текот на дуелот беше Скот Мектоминај, фудбалер за врска на Наполи и најзвучно име во составот на Алегри. Но, и покрај „километражата“, репрезентативецот на Шкотска немаше никаков особен удел во играта на домаќините, поставен централно и со задача да оперира помеѓу дефанзивата и редот за врска на противникот. И токму тоа на крајот заврши со негова замена во раната фаза од второто полувреме, кога на неговото место во игра влезе Кевин Де Брујне.

Комо го навлече Наполи под притисок да преземе иницијатива
Во вториот дел од мечот немаше драстична разлика во распоредот на силите на теренот. Природно, Наполи во потрагата по позитивен резултат ја засили иницијативата и го зголеми темпото на помалку од триесет минути до крајот. Алегри го освежи составот со тројна измена, а покрај Де Брујне, во игра ги внесе и Спинацола и Алисон Сантос. Ова беа измени со кои концепцијата не беше многу изменета, а контурите на тактичката поставеност останаа речиси исти. Фабрегас, пак, се одлучи двапати со двојни измени да ги освежи редовите. Ги извади од игра крилните напаѓачи Батурина и Диао, внесе еден дефанзивец повеќе а го освежи и редот за врска со две нови имиња. Ова беше показател дека Шпанецот е задоволен со резултат 1:2 и дека Комо најпрво ќе се обиде да се одбрани, а потоа и да го загрози Наполи во контрите, свесно препуштајќи дел од иницијативата во играта.
Подготвени сме за Европа, порачува Фабрегас
На крајот заклучокот е очигледен: Комо успешно ја умртви играта кон крајот на натпреварот. Ниска одбрана и мали тактички интервенции, ситни фаули, нарушување на ритамот кај домаќинот, додавања кои не водат никаде, но придонесуваат за контролата на играта. Наполи безличен, некреативен, споро се движеа во зоните и во ниту еден момент сериозно не го загрозија голот на Комо.
Има ли подобра подготовка за настап во Лигата на шампионите, од победа кај Наполи на гости?! Одговорот најдобро го знае Фабрегас.
