
Во 22. коло од Бундеслигата се соочија две сосема различни приказни од истата сезона – тим што маршира кон титула и тим што очајнички бара спас. Баерн Минхен пристигна во Бремен како лидер што цела сезона делува сигурно, моќно и самоуверено, со офанзива што ги руши сите стандарди и одбрана што ретко попушта.
На спротивната страна беше Вердер Бремен, екипа заглавена во резултатска криза, без победа со месеци и со сериозна борба за опстанок. Контрастот меѓу двата тима не беше само на табелата, туку и психолошки – едните играат мирно и со самодоверба, другите под притисок и страв од нов пад.
Полниот „Весерстадион“ се надеваше дека домашниот терен може да биде фактор што ќе ја израмни разликата и ќе донесе барем искра неизвесност. Но уште пред крајот на мечот, стана јасно дека надежта и реалноста не секогаш одат во ист правец.
Моќта на Баерн против кревката одбрана на Вердер
Вердер Бремен влезе во натпреварот свесен за разликата во квалитет и со јасна дефанзивна стратегија. Во првите петнаесет минути не играа висок пресинг, туку беа поставени компактно, речиси во сите напади на Баерн бранеа играч на играч, со цел да ги затворат линиите и да ја спречат играта на противникот со голем број на комбинаторика на средината на теренот. Токму со таквиот пристап, успеаа на момент да го натераат Баерн на неколку индивидуални грешки и игра со долги топки, без да дозволат посериозна шанса. Сепак, по добриот почеток на противникот, Баерн очекувано ја презема контролата на мечот, играта почнаа да ја градат трпеливо – многу додавања, ширење по крилата и секако висок, агресивен пресинг веднаш по загубена топка, со кој постојано го туркаше Вердер длабоко во својата половина.
Во неколку минути Баерн успеа својата добра игра да ја потврди и резултатски. Младиот Ленарт Карл уште еднаш покажа зошто е откритие на сезоната и моментално е еден од најдобрите млади играчи во светот. Соло пробив и изнуден пенал, кој рутински го реализираше Кејн, беше само почеток на вклулување на машинеријата. По неколку минути Кејн повторно стрелаше за зголемување на водството и со својот 26 гол се запечати на врвот на стрелците во Бундес Лигата. Во тие моменти Вердер доживеа целосен тактички и психолошки пад. Посебно трагичен беше настапот на Линен – направен пенал, директен кривец за вториот гол и жолт картон, 10-тина минути за заборав за играчот што треба да донесе цврстина во тимот на Вердер.
Веднаш по паѓањето на концентрацијата кај домаќините, Баерн казни без милост. Контролата, темпото и индивидуалниот квалитет ја направија разликата уште пред паузата.

Вердер конечно најде ритам – но само накратко
По паузата помеѓу двете полувремиња, Вердер влезе со многу повеќе енергија и јасна намера да го смени текот на натпреварот, колку и тоа да звучи нереално. Влегувањето на Мбангула и по некоја ротација во офанзивниот дел, донесе брзина и поголема вертикалност во нападот, додека Енџинма беше најактивниот играч на теренот во тие моменит – со движење и интензитет како да се игра почеток на мечот, а не второ полувреме. Најголем доказ за добриот старт беше ударот на Грул во стативата – момент што можеше да ја внесе потребната нервоза кај фаворитот. Во тие први петнаесет минути од продолжението, Баерн делуваше изненадно од интензитетот на домаќините, а незадоволството на Компани на клупата беше очигледно.
Но токму реакцијата на тренерот, а воедно и на комплетниот тим на Баерн, е јасен показател за разликата помеѓу тим што се бори за титула и тим што се бори за опстанок.
Длабочината на клупата на Баерн како фактор што го реши натпреварот
Статистиката за добиени дуели во второто полувреме (дури 62% за Вердер наспрема 38% на Баерн), покажа дека домаќините навистина вложуваат повеќе енергија. Дури и Хари Кејн во неколку наврати се враќаше длабоко за да помогне во дефанзивата – јасен сигнал дека Баерн ја почувствува опасноста.
Компани реагираше навремено и го освежи тимот со квалитет. Влегувањето на Мусиала и Дејвис ја смени динамиката инстантно. По брз напад по десната страна и комбинација меѓу ново влезените играчи, следуваше асистенција на Дејвис и клинички удар на Горецка за 3:0 во 70 минута и дефинитивно одлучување на победникот на овој меч. Во последните петнаесет минути, натпреварот влезе во фаза на одработување. Баерн доби дополнителна самодоверба по третиот гол и продолжи да притиска, најчесто преку крилните позиции, користејќи ја физичката надмоќ и свежината против заморената одбрана на Вердер. Домаќините, пак, видливо ја загубија мотивацијата и се фокусираа единствено да не дозволат поубедлив пораз пред повеќе од 42.000 гледачи на трибините. Конечните 3:0 беа очакуван и најреален епилог.

Квалитетот секогаш го наоѓа патот до победата
Вердер покажа карактер и во одредени фази во второто полувреме успеа да го внесе Баерн во зона на непријатност, но тоа траеше кратко. Разликата не беше само во индивидуалниот квалитет, туку во способноста на Баерн да препознае опасност, да реагира навреме и да го затвори натпреварот без паника. Токму тоа е одлика на тим што се бори за титула – не дозволува моментумот на противникот да прерасне во проблем.
Баерн одигра зрело, контролирано и доволно убедливо за да покаже дека тешко ќе го препушти врвот на табелата. Вердер, пак, ќе мора да бара бодови на други натпревари, затоа што во вакви натпревари, неколку минутниот отпор едноставно не е доволен.
А.М.
