Фудбалска анализа со уреднички став. Структура. Контекст. Аргумент.

Мени
Почетна Анализи Ретро FPL Обложување За Контра Фаул Контакт

Дали е време Спалети да почне да си ги пакува куферите?

Лацио пристигна во Торино како едно од најпријатните изненадувања на почетокот од сезоната, но победата од 0:3 против Јувентус покажа дека резултатите од првите шест кола тешко можат повеќе да се наречат изненадување. Екипата на Рино Гатузо не само што го надигра Јувентус во добар дел од натпреварот, туку покажа дека знае да да одигра и кога противникот ќе ја преземе иницијативата.

Во првото полувреме Лацио беше тимот кој повеќе ја сакаше топката. Гостите играа смирено, со голем број кратки комбинации и без непотребни исфрлања, а истовремено знаеја брзо да го префрлат тежиштето кон крилните позиции. Јувентус имаше свои периоди и преку Коло Муани неколкупати се закани, но постепено стануваше јасно кој тим има поголема контрола врз случувањата.

По паузата сликата се промени. Јувентус ја презеде иницијативата, ги крена линиите и во одредени моменти сериозно го притисна противникот. Но Лацио го издржа најтешкиот период, го препозна просторот што остануваше зад високо поставените играчи на домаќинот и токму преку таква ситуација стигна до вториот погодок.

На крајот резултатот беше убедлив, но уште повпечатлив беше начинот на кој Лацио стигна до него. Гатузо доби натпревар во кој неговата екипа мораше да покаже две различни лица.

Уште од почетните минути беше забележлива намерата на Лацио да не му го препушти натпреварот на домаќинот. Гостите сакаа да ја имаат топката, комбинираа без паника и со повеќе играчи учествуваа во организацијата на нападите.

Особено значајна беше улогата на Фратеси. Тој не беше присутен само во офанзивните акции, туку постојано се враќаше и помагаше без топка. Неговата игра во двата правци беше еден од факторите поради кои Лацио успеваше да одржува рамнотежа и кога ќе загубеше посед.

Голем дел од опасноста доаѓаше и од крилните позиции. Нуно Тавареш постојано се вклучуваше од левата страна, додека Исаксен му создаваше сериозни проблеми на Челик на спротивната. Во средината Лацио внимателно го следеше Алајбеговиќ и често го удвојуваше кога ќе ја добиеше топката, со што му го ограничуваше влијанието врз организацијата на Јувентус.

Најважно беше она што се случуваше веднаш по загубен посед. Лацио напаѓаше со голем број играчи, но неговата транзиција назад беше доволно брза за Јувентус ретко да добива чист простор за контранапад. Коло Муани беше најопасниот играч на домаќинот, но премногу често недостасуваше поддршка за нападите да бидат завршени на подобар начин.

Предноста на гостите на крајот дојде заслужено. Закањи испрати одличен центаршут, а Провстгард од непосредна близина погоди за 0:1. Уште поважно, Лацио не реагираше на погодокот со повлекување. Продолжи да ја бара топката, а по грешките на Папе Сар дури имаше можност пред паузата дополнително да ја зголеми предноста.

Спалети мораше да реагира и Јувентус во второто полувреме излезе со поинаква енергија. Домаќините ја презедоа топката, а со неколкуте ротации добија и поголема опасност во последната третина.

Преместувањето на Коло Муани на левата страна веднаш даде резултат. Оттаму полесно влегуваше во опасните зони, а по една негова акција Волтемаде доби добра можност. Токму Волтемаде повторно покажа дека може да му понуди нешто поинакво на овој Јувентус и дека заслужува поголема минутажа.

Лацио во тој период беше принуден да се повлече, но не и целосно да се откаже од нападот. Тоа се покажа како клучно.

Како што минуваше времето, Јувентус преземаше сè поголем ризик. Челик и Калулу беа поставени високо, Лукуми често се наоѓаше пред противничкиот шеснаесетник, а речиси целиот тим беше префрлен на половината на Лацио. Домаќинот мораше да го направи тоа, но цената беше огромниот простор што остануваше зад последната линија.

Лацио го искористи токму него. Тавареш со дијагонала го пронајде Исаксен, Данецот остана еден на еден со Челик, премногу лесно го доби дуелот и погоди за 0:2.

Спалети потоа ги внесе Жегрова и Консисао и Јувентус стана значително поопасен. Особено Жегрова ја користеше слободата што ја добиваше и постојано бараше начин да ја наруши поставеноста на гостите. Но со Сар и МекКени како единствени играчи во средината, Јувентус веќе беше целосно насочен кон нападот и секоја загубена топка носеше нов ризик.

Последните 15 минути можеби најдобро покажаа колку созреал овој Лацио. Закањи и Исаксен се вратија длабоко за да помогнат во одбраната, додека Шутало и Провстгард одиграа речиси беспрекорно во срцето на последната линија.

Јувентус напаѓаше со практично сè што имаше, но гостите не ја загубија структурата. А кога домаќинот веќе немаше што да чува, Деле-Баширу го постигна третиот погодок и ја претвори големата победа во убедлива.

За Спалети, второто полувреме сепак понуди неколку одговори. Коло Муани изгледаше подобро од левата страна, Волтемаде повторно ја покажа својата вредност, а влегувањето на Жегрова и Консисао значително ја промени офанзивната игра. Прашањето е дали дел од тие решенија требаше да се појават порано.

Но вечерта во Торино пред сè му припадна на Лацио. Тимот кој пред сезоната беше опкружен со многу сомнежи сега има шест победи и едно реми по седум кола.

Гатузо прво изгради екипа која имаше храброст да го надигра Јувентус со топката, а потоа покажа дека истата екипа знае да се брани и да казни кога противникот ќе се отвори.

Лацио не само што победи со 0:3, туку во Торино покажа дека има повеќе од еден начин да стигне до победата.