
Пеп Гвардиола не успеа да го направи невозможното и да надополни три гола негатива против стариот ривал Реал Мадрид. Неговиот Манчестер Сити сега може да се фокусира на борбата за титулата во Премиер лигата каде што исто така заостанува зад ривалите. Реал Мадрид го продолжува походот кон шеснаесеттата европска титула. Патот ќе биде тежок, во четвртфинале ги чека Баерн Минхен. Но, „кралевите“ од Мадрид се навикнати на големи дуели, Реал во Лигата на шампионите е најопасен.
Гвардиола пред мечот имаше интересна изјава: „Не се грижам за шансите што ќе ги искреираме, играме на домашен терен. Поважно е како ќе се браниме“, кажа менаџерот на сините.
„Натпреварот со Манчестер Сити ќе биде екстремно тежок, ќе нè притиснат до крајна граница и ќе нè натераат многу да страдаме“ – предупреди предводникот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, пред да го победи Манчестер Сити и по вторпат во само една недела.
Реал Мадрид го доби двомечот затоа што го затвори центарот и ја казни агресивната структура на Сити во транзиција.
„Граѓаните“ градеа, „кралевите“ казнуваа
Манчестер Сити помотивирано и поразиграно го започна првото полувреме. Се закануваа по крилните позиции и создаваа вишок на левата и десната страна. Планот беше прецизен, да се создаде шанса за Ерлинг Халанд кој чекаше нафрлувања во шпицот на нападот. Брзината на Доку покрај левата аут-линија и техничките квалитети на Шерки по десната страна беа честа слика во првиот дел. Нив ги активираа попречните додавања од средината, најчесто преку Родри. Сити не успеа во првите петнаесет минути да ја „отклучи” одбраната на Реал и да надополни барем еден од трите гола заостанување по првиот меч во Мадрид. Гостите го издржаа притисокот. Тоа даде нов тек на настаните и поинаква динамика во играта на домаќинот, предводен од Пеп Гвардиола.
Реал Мадрид во формација 4-4-2 и со низок пресинг се спротивстави на нападите на Манчестер Сити. Поради тоа, во повеќе наврати дефанзивната линија на гостите беше поизложена на опасност – играчите од шпанската престолнина ретко влегуваа во агресивни дуели и стартови. Сити имаше можност трпеливо и во фази да ги гради нападите, наспроти Реал Мадрид кој се погрижи да не ја наруши својата структура на теренот. Валверде, Гулер и Диаз често менуваа позиции и радиус на движење во офанзивниот аспект на играта. Во дефанзивата постриктно, Чуамени и Питарч стабилни и цврсти во разбивањето на нападите. Валверде со многу истрчани километри и во дефанзива со главна задача – да му помогне на Трент Александер Арнолд во обидот да се неутрализира експлозивниот Доку.
Стоперите Хуијсен и Рудигер имаа голем удел при пласманот на Реал во четвртфинале и на начин што беа клучна алка во одржување на поседот, бавното градење на нападите и при изнесување на топките од својата половина.
Патот до голот на Манчестер Сити за гостите од Мадрид беше „поплочен” со контранапади. Тоа беше и најлогичното решение за нив, со оглед на високата поставеност на Сити. Главната оска и мета на пасовите кај Реал беше Винисиус Жуниор, кој иако поставен како крилен напаѓач, продираше и преку средината.
Преку една контра започна и акцијата по која Вини погоди статива, пред во понатамошниот тек да донесе и пенал за Реал. Водство од 0:1 на „Етихад”, стрелец Винисиус Жуниор. Предноста беше уште поголема поради фактот дека Сити остана без Бернардо Силва, кој беше исклучен поради игра со рака бранејќи ја поблиската статива.
Реал Мадрид на гости во Манчестер дојде со очигледен план – да го задржи водството од три гола и со минимум ризик да обезбеди четвртфинале. За никој не е изненадување „кралскиот клуб” да стигне далеку во Европа. Но, овојпат Манчестер Сити имаше улога на фаворит.
Во второто полувреме, Манчестер Сити го смени распоредот на теренот. Драстична промена од страна на Гвардиола, од првичната 4-2-3-1. „Граѓаните” кои од дваесеттата минута играа со играч помалку, во последните 45 минути преминаа во формација со тројца дефанзивци. Одбранбената линија поставена високо, стоперите слободни во транзиција и со обиди од дистанца да го загрозат голот на Реал. Целта беше да им се овозможи на левиот бек Аит-Нури, како и Семењо од десната страна кој влезе во игра на местото на Матеус Нунеш во второто полувреме, да можат повеќе да комбинираат со крилните напаѓачи Шерки и Доку. Фокусот беше ставен на бројчана надмоќ во крилните зони. Гвардиола се обиде на тој начин да ги рашири згуснатите редови во играта на Реал Мадрид, особено во сегментот на одбраната.
Веројатно и замената од 46 минута кога голманот Лунин влезе на местото на повредениот Куртоа, дополнително ги охрабри домаќините да бидат повеќе проактивни во нападот, кога станува збор за ударите од дистанца.
Во второто полувреме, тренерот на Реал го засили нападот со Мбапе – во намера последните дваесет минути тој и Винисус да ги водат контрите на половината на Сити. Сепак, вториот гол на Вини дојде по нафрлена топка и изграден позиционен напад во последните секунди од второто полувреме. Тогаш исходот од осминафиналниот двомеч веќе и онака беше извесен.

Контроверзии сведени на минимум
Судиската екипа предводена од Турпан го држеше натпреварот под контрола. Иако дуелите помеѓу Манчестер Сити и Реал Мадрид секогаш со себе носат многу набој, нервоза и висок влог за двете екипи, генералната оценка за судењето е висока. Поништени беа три гола од недозволени позиции – двапати во мрежата на Реал Мадрид и еднаш во мрежата на Сити. Мечот заврши со четири жолти картони и едно исклучување, но и нула контроверзни одлуки. Французинот Клемент Турпан постави високи стандарди и добро ја заврши својата работа на теренот во Манчестер, а со тоа го оправда и статусот „најдобар судија за 2025 година“, како што го прогласи Меѓународниот институт за фудбалска историја и статистика.
П.Д.
