
Во доцната фаза од шпанската Ла Лига, се „крши“ прашањето дали во Мадрид или во Каталонија ќе заврши титулата. Период на пресврти и фаза во која секоја победа е важна во трката. Одамна се стесни просторот за адаптација, воигрување и темпирање – време е за жетва на бодови. Барселона го држи врвот на табелата – Виљареал изненадува. Екипата која повеќепати во минатото била во горниот дел од табелата и на местата што водат до пласман во европските натпреварувања, сега под водството на Марселињо е зацврстена на четвротото место. Пред Барселона е најголемиот предизвик. Борба на сите фронтови и едно непознато прашање – со колку трофеи ќе ја завршат сезоната?!
Од полупростор до полн погодок: Тактичката доминација на Барселона
Формациската поставеност на Барселона уште на самиот почеток навести дека Барса ќе се потпре на напаѓачки фудбал и високо поставена одбранбена линија. Виљареал порача дека ќе лови компактност, преку стандардна 4-4-2 на теренот на „Камп Ноу“.
Играта на домаќинот се отсликуваше со брзо изнесување на топките, но и со висок пресинг на половината на Виљареал. Гостите агресивни во блокот, особено при шутевите од далечина на домаќинот.
Повлечената игра на „Жолтата подморница“ во одбрана ги навлече и противничките бекови длабоко во нивната половина на теренот. Овде се мисли посебно на десниот бек Жил Кунде кој активно учествуваше во креацијата и отвораше простор по страна. Виљареал не дојде на „Камп Ноу“ за многу да креира – впечатокот е дека свесно ја префрлаа средината со долги топки кои одеа крилно, директно и без губење време.
Барселона трпеливо и со пасови уште од бековските позиции ја градеше играта. Транзицијата во дефанзива доаѓаше експресно, најчесто агресивно и со „човек на човек“. Првиот гол дојде по добро одигран пресинг и изгубена топка на Виљареал на средината на теренот, што потоа резултираше со продорен пас до Јамал. Тој само ја пласираше топката во мрежата.
Главната ударна игла на Барселона во индивидуален продор по десното крило го искреира и вториот гол – сериозна предност од 2:0 во 38 минута.
Иако Виљареал во првото полувреме шансата ја бараше со високи нафрлувања во шеснаесетникот, одбраната ја отклучија по мешаница во петерецот на голманот откако изведоа корнер, на почетокот на второто полувреме. Дојдоа до шанса и за 2:2, откако се обидоа со долга топка да го активираат нападот, а голманот на Барса, Гарсија, излета од голот и го пресече нафрлувањето. Момент, во кој добрите одбрани и стабилната игра во првото полувреме на голманот ќе беа засенети.
Во вториот дел кај Барселона во игра влезе Педри. Го замени човекот со повеќе напаѓачки задачи Дани Олмо – потег со кој средината на домаќинот доби на креативност, но и на стабилност. Долгите топки „со очи“ од средината и помеѓу линиите станаа почеста глетка кај Барса, а една таква го проигра Јамал кој во 70 минута постигна и трет гол. Крилата во текот на целиот меч беа поактивни во полупростор отколку во ширина.
Левандовски во судиското надополнување на крајот на мечот само ја запечати судбината на Виљареал. Полјакот со тоа покажа дека Ханси Флик има адути и на клупата, откако на теренот помина 25 минути, како замена за Феран Торес.

Во фокусот – Ламин Јамал и својот прв „хет-трик“ во кариерата
Златното дете на Барселона и играч за кој многумина очекуваат дека ќе достигне огромни фудбалски височини, го постигна првиот „хет-трик“ во кариерата. Три гола на еден меч и особено креативна партија на Јамал. За таквиот подвиг му беа потребни неполни седумдесет минути на терен. А, потоа следуваше и интересната изјава која и покрај неговиот раскошен талент, сепак потсетува дека се уште зборуваме за тинејџер. Јамал вели: „Топката со која постигна три гола ќе ѝ ја подарам на мајка ми“.
П.Д.
