Фудбалска анализа со уреднички став. Структура. Контекст. Аргумент.

Мени
Почетна Анализи Ретро FPL Обложување За Контра Фаул Контакт

Артета имаше одговор за секој план на Алонсо

Лондонското дерби на „Емирати“ започна со шок за домашните навивачи, а заврши со уште една потврда за квалитетот и зрелоста на Арсенал. На Челзи му беа потребни само две минути за преку Морган Роџерс да стигне до предност, но раниот погодок не ја промени идејата на домаќините. Арсенал продолжи да напаѓа, прво стигна до поништен гол на Калафиори, а потоа преку Каи Хаверц заслужено израмни.

Сепак, ова не беше натпревар во кој Челзи само се бранеше. Гостите имаа свои периоди, создадоа сериозни шанси и преку Палмер, Нето и Роџерс покажаа дека можат да бидат опасни секогаш кога ќе добијат простор. Давид Раја мораше неколкупати сериозно да интервенира, а Нето ја погоди и стативата непосредно пред паузата.

Разликата повеќе се гледаше во начинот на кој двете екипи доаѓаа до своите добри периоди. Челзи зависеше од движењата и индивидуалниот квалитет на своите офанзивци, додека Арсенал имаше појасна структура и повеќе различни начини да го нападне противникот. Тоа особено дојде до израз по пресвртот на почетокот од второто полувреме, кога Челзи мораше да ја напушти удобната позиција и самиот да ја преземе иницијативата.

По раното водство на Челзи, Арсенал брзо ја презеде иницијативата. Едегард беше централна фигура во организацијата и речиси секоја посериозна акција во почетниот период минуваше преку него. Рајс му даваше поддршка, а најголемата опасност потоа се создаваше по крилните позиции.

Сака и Цолис постојано бараа ситуации еден на еден, додека Вајт и Калафиори играа исклучително високо. Тоа го принуди Челзи да бара дополнителна помош од Нето и Хато, бидејќи последната линија тешко се справуваше сама со ширината на Арсенал.

Токму тука почна да се чувствува и проблемот на гостите во средината. Без Каиседо, а по заминувањето на Енцо, Челзи немаше доволно природно дефанзивно присуство во тој дел од теренот. Палмер и Роџерс се повлекуваа за да помогнат во организацијата, но нивниот инстинкт е да бараат простор напред. Последицата беше дополнителен товар за дефанзивната линија.

Челзи сепак успеваше да возврати. Токму Палмер заедно со Нето беа главните носители на транзицијата, а Педро паметно се повлекуваше подлабоко за да ја прими топката и да избегне постојан директен дуел со Габриел. Двете одбрани во овој период беа ставени под сериозен притисок – Фофана двапати блокираше опасни ситуации пред голот на Челзи, додека Раја одлично реагираше по ударите на Палмер и Џејмс.

Израмнувањето на Хаверц беше логична последица на притисокот. Германецот прими топка странично, се придвижи према центарот, си создаде простор на работ од шеснаесетникот и погоди за 1:1. Но неговото најважно влијание на натпреварот допрва следуваше.

Арсенал подобро го отвори и второто полувреме, а пресвртот дојде преку акција која добро ја отсликуваше разновидноста на домашниот напад. Цолис се вклучи од крилната позиција, Хаверц можеше да ја заврши акцијата, но ја препозна подобрата ситуација и ја остави топката за Едегард, кој погоди за 2:1.

Токму потегот на Хаверц беше еден од најважните детали на натпреварот. Неговите движења, втрчувањата од втор план и способноста да учествува во комбинациите му даваа на Арсенал повеќе можности во нападот. Домаќините можеа да играат кратко, да ја бараат ширината, но и со подолго додавање да ја прескокнат првата линија на притисок.

Со негативата, Алонсо мораше да реагира. Влегувањето на Мало Густо беше обид да се надомести проблемот во средината, а Челзи почна да користи многу повеќе ротации. Педро се спушташе по топка, Палмер го правеше истото, додека Густо и Џејмс во тие моменти се движеа повисоко или кон страничните позиции.

Челзи успеа да воспостави подолг посед, но Арсенал одговори со зонска одбрана. Наместо да ги следат сите противнички ротации, домаќините ги бранеа просторите и го принудуваа Челзи постојано да бара нов пат кон шеснаесетникот.

Со текот на времето се почувствува и физичкиот пад кај гостите. Роџерс имаше далеку помало влијание отколку во првиот дел, Нето потроши огромна енергија по крилото, а најголемиот товар во завршницата остана кај Палмер и Педро.

Последните 15 минути донесоа очекуван притисок на Челзи. Гостите веќе немаа причина да калкулираат, но последната линија на Арсенал ретко оставаше чист простор. Кога Естевао сам успеа да го создаде, повторно се појави Раја.

Шпанецот беше еден од најважните играчи на Арсенал. Не само поради таа интервенција, туку поради сигурноста во текот на целиот натпревар и неколкуте одбрани во моментите кога Челзи можеше целосно да го промени дербито.

На крајот, токму поширокиот избор на решенија ја направи разликата. Арсенал можеше да нападне преку крилата, да создава преку Едегард, да ги користи движењата на Хаверц, а кога требаше да ја брани предноста – да се повлече во организирана зона и да му ја препушти иницијативата на противникот.

Челзи имаше план, а во текот на натпреварот беше неколку пати приморан да го промени. А од друга страна, способноста на Арсенал да најде различно решение за различен период од дербито на крајот ја донесе победата од 2:1.