Кога бројките не значат ништо – како најдобриот напад беше избришан од теренот

На „Паркот на принцовите“ во Париз се одигра 112-тото дерби помеѓу ПСЖ и Марсеј, можеби и најголемото ривалство во францускиот фудбал, познато како „La Classique“. Натпреварот беше најавен со спектакл достоен за ваков дуел – пиротехника, сценски настапи и кореографии – но атмосферата сепак остана нецелосна поради забраната за гостување на навивачите на Марсеј. Сето тоа создаде очекување за отворен, динамичен и возбудлив натпревар, дерби во кое двете екипи ќе понудат фудбал со висок интензитет.
Наместо тоа, гледавме натпревар во еден правец. Меч што во одредени моменти повеќе наликуваше на дуел меѓу ПСЖ и екипа од понизок ранг, отколку на најголемото дерби во Франција. Иако домаќините влегоа во овој натпревар во подобра форма, со осум победи на последните десет меѓусебни дуели и со јасна улога на фаворит, тешко е да се поверува дека дури и тие не очекуваа толку лесно и убедливо да дојдат до целиот плен.

Од самиот старт на мечот, двата тима тргнаа со висок и агресивен пресинг, но многу брзо се виде структурната разлика. Париз Сент – Жермен без поголеми проблеми го пробиваше првиот бран притисок на Марсеј и ја држеше топката под целосна контрола, додека гостите имаа очигледни проблеми во организацијата од последната линија кон средината на теренот. Марсеј само на моменти успеваше со неколку брзи комбинации да излезе од притисокот, но без вистинска идеја како да ја пренесе играта во опасната зона. Од друга страна ПСЖ ја демонстрираше целата разлика во квалитет и брзината на носење одлуки. Двата гола што ги постигнаа во првото полувреме беа класичен пример како една екипа треба да функционира на теренот – брзо, експлозивно и без никаква шанса за реакција на противничката екипа. Во текот на цело прво полувреме, Париз делуваше како тим што свесно ја менаџира динамиката на натпреварот. Имаа поголем посед, но често намерно му ја препуштаа топката на противникот за потоа преку транзиција и најчесто напади по крилните позиции каде што доминираа Баркола и Дембеле, да ја казнат високо поставената линија на Марсеј.

Зад ова сценарио јасно стоеше маестралниот Луис Енрике – јасен план, контрола на темпото и максимална експлоатација на слабостите на противникот.

Очекувано, Роберто Де Зерби реагираше на паузата со одредени измени во составот, не само во играчкиот кадар, туку и формациски. Но, тоа наместо пресврт во играта, донесе уште поголеми проблеми. Влегувањето на Паишао не внесе ниту брзина, ниту структура, а Париз Сент – Жермен во првите петнаесет минути по продолжението изгледаше најопасно на целиот натпревар. Дуе и Баркола ја погодија рамката од голот, додека Невеш беше запрен само поради одличната интервенција на голманот на Марсеј. Сето тоа се случуваше во интервал од неколку минути и беше назнака за тоа што следи. Во тие моменти гостите веќе не излгедаа како екипа што брка резултат, туку како тим што единствено го чека последниот свиреж на судијата Делажод. Со начинот на кој што беа поставени на теренот, движењето без топка и недостигот на агресија повеќе личеа на тим од долниот дел на табелата отколку на учесник во најголемото француско дерби.

Доминацијата на домаќините доби конкретна форма преку два брзи гола, двата постигнати преку идентичен рецепт: украдена топка, експлозивна транзиција, втрчување на крило и завршница без никаква милост. Тактички учебник против дезорганизирана одбрана. А кога веќе изгледаше дека Марсеј е целосно разбиен, шлагот на тортата го стави Канг-Ин Ли со петтиот гол – симболична „петарда“ што го запечати дебаклот на гостите. 

Во најавите, пред се на француските медиуми, судирот меѓу најдобриот напад и најдобрата одбрана во лигата изгледаше како клучната оска на дербито. Меѓутоа на теренот, дилемата беше решена уште пред паузата. Марсеј влезе како статистички најофанзивниот тим во Франција, но излезе како екипа која што не успеа да изгради ниту еден сериозен напад, ниту пак да наметне темпо што би ја донело одбраната на противникот во некаков проблем. Причината пред се е системската неутрализација. ПСЖ не бранеше длабоко, ниту панично – напротив, одбраната беше високо поставена, компактна и исклучително дисциплинирана во моментите без топка. Марсеј, тим што вообичаено живее од динамика и брзи завршници, беше принуден да кружи со топката без прогресија, па нападите завршуваа уште пред да започнат.
Гринвуд, како најдобар стрелец во лигата, беше сведен на статист, не поради лош ден, туку поради тоа што системот на ПСЖ не му дозволи ниту еднаш да прими топка во зона каде што може да направи разлика. Без простор, без време и без поддршка од втор бран, офанзивната моќ на Марсеј се сведе на обиди без закана.
Од друга страна, одбраната на ПСЖ ја красеа сигурноста во дуелите, прецизното читање на играта и постојан баланс зад офанзивните втрчувања, па дури и кога свесно му ја оставаа топката на противникот, контролата остануваше кај нив.

Овој натпревар беше класичен пример и јасно покажа дека „најдобриот напад“ без структура и план Б е ранлив, додека „најдобрата одбрана“ со јасна идеја може целосно да го угаси и нјопасниот противник. Не стануваше збор за инспирација, туку за организација, позиционирање и тактичка зрелост. Марсеј во овој натпревар не го загуби дербито, туку беше тактички разбиен. Во меч што требаше да биде празник на фудбалот во Франција, ПСЖ го претвори дербито во лекција по контрола, дисциплина и тактичка супериорност – без драма и без дилеми околу победникот.

А.М.