Втората половина од групната фаза на Светското првенство 2026 донесе некои од најинтересните приказни на турнирот. Иако неколку од традиционалните фудбалски велесили без поголеми проблеми обезбедија пласман понатаму, дел од групите понудија неочекувани херои, драматични елиминации и уште еднаш потврдија дека проширениот формат го направи Светското првенство навистина конкурентно и шаренолико.
Белгија се извлече, Египет испиша историја
На хартија, Групата Г изгледаше прилично предвидлива. Белгија со улогата на фаворит, додека Египет и Иран требаше да ја водат главната битка за второто место. Наместо тоа, прашањето за пласманот остана отворено до последниот судиски свиреж на крајот од третото коло.
Белгија не го прикажа својот најдобар фудбал во групната фаза. Почетните настапи беа далеку од убедливи, па повторно се појавија сомнежи дека оваа генерација ќе разочара на уште едно големо натпреварување. Но, кога беше најпотребно, Белгијците одиграа на нивото што сите го очекуваа. Убедливата победа над Нов Зеланд не само што им обезбеди место во нокаут-фазата, туку им го донесе и првото место во групата.
Најголемата приказна, сепак, ја испиша Египет. Со децении беше една од најуспешните африкански селекции, но никогаш не успеа тоа да го претвори во значаен резултат на Светско првенство. Овојпат сè се промени. Со дисциплинирана одбрана, трпелива игра и максимално искористени шанси, Египет за првпат во својата историја обезбеди пласман во елиминациската фаза. Тоа е еден од најзначајните моменти во историјата на египетскиот фудбал.
Иран има најмногу причина за жалење. Беше исклучително тешко да биде совладан, но неколку пропуштени можности и ситни детали го оставија без директен пласман. Фудбалот понекогаш знае да биде суров, а токму оваа група беше доказ дека малите нијанси можат да ја направат најголемата разлика.
Нов Зеланд не успеа да избори пласман, но покажа дека фудбалот во Океанија продолжува да напредува и постепено го намалува јазот во однос на посилните континенти.

Шпанија испрати сериозно предупредување
Шпанците не стартуваа толку самоуверено и сигурно, но сепак и понатаму ја носат улогата на еден од главните фаворити за светската титула.
Но, најубавата приказна во групата ја испиша репрезентацијата на Зеленортските острови.
Во своето прво учество на Светско првенство, очекувањата беа минимални. Наместо тоа, оваа селекција играше без страв, тактички дисциплинирано и со огромна самодоверба. Секој освоен бод беше историски, а пласманот во елиминациската фаза претставува едно од најголемите изненадувања на турнирот.
Најголем губитник: Уругвај.
Двократниот светски шампион пристигна со големи амбиции, но никогаш не успеа да воспостави континуитет. Индивидуалниот квалитет не беше доволен да ги прикрие слабостите во тимската игра, па нивната елиминација е меѓу најголемите разочарувања на шампионатот.
Саудиска Арабија одигра борбено, но едноставно немаше доволно напаѓачки потенцијал за да се вмеша во битката за пласман.
Франција изгледа како вистински шампионски кандидат
Франција ретко имаше потреба да даде максимум и да игра во „полн погон“.
Во текот на целата групна фаза, „триколорите“ прикажаа физичка моќ, техничка супериорност и тактичка зрелост. Длабочината на составот им овозможи ротации без пад во играта, а до крајот на групната фаза делуваа посвежо од речиси сите останати фаворити.
Победата над Норвешка го потврди првото место, но и Норвежаните заслужуваат пофалби. По години градење на нова генерација, конечно го претворија својот потенцијал во резултат на светската сцена. Директната и брза игра им донесе заслужено место во елиминациите.
Сенегал, пак, успеа да продолжи понатаму како една од најдобрите третопласирани селекции. Нивното искуство од претходните големи натпреварувања се покажа пресудно кога секој погодок имаше огромно значење.
Ирак го напушта турнирот со драгоцено искуство. Иако не избори пласман, репрезентацијата покажа дека располага со квалитет врз кој може да ја гради својата иднина.

Аргентина професионално ја заврши работата
Не секој успешен настап мора да биде спектакуларен.
Аргентина никогаш не беше во вистинска опасност. Натпреварите ги одигра мирно и зрело, го контролираше темпото кога беше потребно и без непотребна драма го освои првото место во групата.
Нивниот фудбал беше рационален и ефикасен, што покажува дека оваа селекција размислува многу повеќе за елиминациската фаза отколку за спектаклите во групниот дел.
Алжир беше пријатното изненадување. Со цврста одбрана и максимално искористување на шансите заслужено стигна до второто место, оставајќи ја Австрија зад себе.
Австријците пристигнаа со големи очекувања, но не успеаја да ја повторат формата што ја покажуваа во изминатите години. Јордан се бореше храбро, но нивото на конкуренцијата беше едноставно преголем предизвик.
Португалија сигурна, ДР Конго продолжува да воодушевува
Португалија немаше совршена групна фаза, но одигра зрело и искусно.
Секогаш кога натпреварите стануваа комплицирани, искусните фудбалери знаеја како да го пронајдат вистинското решение. Наместо атрактивен фудбал, Португалците се потпреа на контрола, тактичка дисциплина и индивидуален квалитет.
Зад нив, репрезентацијата на Демократска Република Конго ја продолжи една од најубавите африкански приказни на шампионатот.
Нивниот успех не беше случаен. Играа агресивно во одбраната, брзо преминуваа во напад и покажаа огромна самодоверба.
Колумбија одигра борбено и препознатливо, со агресивна игра на дуели и со фокус на остварување резултат. И токму во тоа и успеа, па во нокаут фазата ги чека дуел со селекцијата на Гана.
Узбекистан иако конкурентен во сите три натпревари, сепак му недостигаше завршница за да ги претвори добрите игри во бодови.
Англија зрела и сигурна, Хрватска повторно покажа карактер
Англија ја одигра групната фаза токму онака како што се очекува од еден фаворит.
Без многу спектакл, но со многу зрелост, Англичаните ја контролираа играта, беа стабилни во одбраната и максимално ефикасни кога создаваа шанси. Првото место го освоија без поголем стрес, оставајќи впечаток дека најдоброто допрва следува.
Хрватска уште еднаш покажа зошто со години е една од најопасните репрезентации на големите турнири. И покрај поразот од Англија, искусниот состав остана смирен и со две клучни победи заслужено се пласираше понатаму.
Гана е уште еден пример дека новиот формат на Светското првенство им дава можност и на репрезентациите кои ќе завршат на третото место. Благодарение на освоените бодови и добрата гол-разлика, Ганците обезбедија место во нокаут-фазата.
Панама заминува дома без освоен бод, иако во неколку натпревари остави далеку подобар впечаток отколку што покажува конечниот пласман.

Генерален впечаток
Групите од Г до Л уште еднаш покажаа дека современиот репрезентативен фудбал станува сè поизедначен.
Традиционалните фаворити – Шпанија, Франција, Англија, Португалија и Аргентина – ја оправдаа својата улога и обезбедија место во нокаут-фазата, но ниту една од нив немаше лесен пат.
Во исто време, турнирот донесе и нови херои. Египет за првпат во историјата стигна до елиминациската фаза, Зеленортските Острови станаа едно од најпријатните изненадувања, Сенегал и Гана уште еднаш ја потврдија силата на африканскиот фудбал.
П.Д.
