
Ниту историско, ниту локално – дербито помеѓу Ливерпул и Манчестер Сити во последните години го доби епитетот најголемо во англискиот фудбал, само од натпреварувачки причини. Ривалитетот помеѓу доскорешниот менаџер на црвените, Јирген Клоп, заедно со Пеп Гвардиола кај сините, а зачинет со бод или два разлика во крајниот „есап“ на бодовите на табелата, ја направи војната помеѓу клубовите од соседните градови во северозападна Англија – британско „Ел Класико“. А, битката во неделата го потврди епитетот.
Енфилд под рефлектори, Ливерпул во сенка
Бизарен крај на натпреварот, само за да ја потврди бизарната сезона за Арне Слот и екипата. Под рефлекторите на Енфилд се одигра дуел за титулата, но не таков каков што навивачите на Ливерпул очекуваа летоска, кога се потрошија половина милијарда евра за освежување и засилување на веќе шампионскиот тим. Сити се доведе себеси во ситуација да не смее да загуби бодови додека го брка првиот Арсенал на табелата, а Ливерпул очајно тргнува во потрага по место помеѓу првите четири на табелата – подвиг кој сезонава изгледа нереален не поради силната конкуренција, туку поради проблемите во играта на тимот кој лани ја освои шампионската титула.
Очекувањата од Арне Слот и Ливерпул не беа високи, особено поради честите киксови против номинално послаби ривали, дури и на „Енфилд“. Слот вината често ја префрла на противниците и нивниот низок блок – тактички легитимен пристап и аргумент што сè потешко поминува кај навивачите. На спротивната страна стои Пеп Гвардиола, во својата јубилејна десетта сезона со Манчестер Сити во која „гази“ добро иако е втор на табелата – сезона одбележана со неизвесност дали е и неговата последна во клубот.

Тактички осврт – крила за посед, блок за резултат – како Сити го „рашири“ теренот, а Ливерпул го „стесни“ резултатот
Со доза на агресивност и бледа сенка на елементи од познатиот динамичен фудбал на Клоп и неговиот пресинг и контри, Ливерпул се постави дефанзивно и со низок блок против Сити на Гвардиола. Арне Слот, свесен дека неговиот среден ред нема капацитет да го контролира поседот на топката, реши да ги згусти редовите пред својот гол и во одбранбената зона и да чека грешка или транзиција. Гвардиола го очекуваше таквиот пристап. Во нападот постави двајца расни напаѓачи со различни улоги – од кои еден кој го напаѓа просторот, а друг кој се спушта меѓу линиите за кратка комбинација и за краен пас. Овој модел функционираше 60 минути од натпреварот, пред играчот за врска Черки да влезе на местото на египќанецот Мармуш.
Манчестер Сити јасно беше ориентиран кон крилните зони, со што Гвардиола бистро се насочи кон оптоварување на точките каде што противникот е најранлив. Во отсуство на класичен десен бек кај Ливерпул и левиот бек Керкез растргнат помеѓу офанзивните и дефанзивните задачи и битката „човек на човек“ со Антоан Семењо кој дојде од Бурнмаут, намерата на Сити беше во континуитет да се пренесе тежиштето на крилните зони – позиции од кои левиот бек Аит-Нури го диктираше темпото и во креација и поврзување, исто како и со центаршутеви. Десниот бек Матеус Нунеш поскромен во организација, придонесе со неколку опасни центаршутеви, а за продорноста по таа страна помогна корпулентниот и брз Семењо. Играчите за врска на Ливерпул, Мекалистер и Гравенберх, мораа да балансираат помеѓу покривање на вишокот пред одбранбената линија и директниот пресинг на играч.
Ливерпул сепак добро се справуваше со нафрлените топките, што сезонава не е чест случај. Ван Дајк и Конате агресивно и концентрирано го одбиваа притисокот од екипата на Пеп.
На десната бековска позиција во Ливерпул се случи „најкреативното“ решение на хартија, но не и за првпат сезонава. Во отсуство на повредените бекови Фримпонг и Бредли, улогата ја презеде унгарскиот репрезентативец Доминик Собослаи. Играчот кој годинава е најдобар во редовите на ланскиот шампион, барем во теорија беше оставен без голема можност да го диктира темпото од природната позиција за него, во средниот ред. Унгарецот можеби е недоволно дефанзивно поткован, но сепак со придонес и во тој дел од играта на Ливерпул, кој вчера повеќе натежна во крајниот резултат. Неговата десна нога и вчера беше оружје во нападот на Ливерпул, со долгите топки од позиција десен бек директно до крилото Салах, кој беше отсечен од другите линии во нападот на Ливерпул, поради цврстата и структурирана игра на Сити во одбраната, со јасно определени главни „мети“ во црвен дрес.
Најкреативниот играч на Ливерпул, Флоријан Вирц, беше и најдобро неутрализиран, особено во првото полувреме. Во второто полувреме беше поактивен во креацијата откако беше преместен близу десно крило каде што делуваше како дел од системот, во обид да се рашири одбраната на Сити. Вирц во теорија има влијание и во зоната зад навалната линија, подеднакво како и на крилните позиции од каде што делува и со топка, но и со додавања кои отвораат простор, затоа што поретко се одлучува да шутира директно иако често е во позиција за такво нешто.
Во нападот, Екитике оставен сам на себе во неможност да искреира ништо повеќе освен да прими високи топки, надвор од позиција. Гакпо од левото крило уште еднаш потврди дека не е во форма, неуспевајќи да остави позначаен офанзивен траг во играта.
Гостите од Манчестер дојдоа по поседот, а заминаа со трите бода и со повеќе добри шанси. Играта во одбрана цврста и стабилна, новото засилување на стоперската позиција Гуехи речиси веднаш се прилагоди и се смести како стандарден во тимот, а голманот Донарума си ја зацврсти позицијата како еден од најдобрите голмани во Премиер лигата.
Натпреварот го реши грешката на неговиот колега од спротивната страна, голманот на Ливерпул, Алисон Бекер. Тој направи фаул вреден за пенал врз десниот бек Нунеш. Собослаи беше „жртва“ на неговата позиционираност како десниот бек, што го засени голот кој го даде од слободен удар, кој беше речиси идентичен како оној против Арсенал. Мечот го заврши со црвен картон на самиот крај на натпреварот – симболично за неговата нетипична и жртвувана улога на овој натпревар.

Заклучок – Ливерпул во криза, Сити со историска победа
Со победата од 1:2 на гостински терен над Ливерпул, Манчестер Сити ја забележи првата победа на Енфилд во последните десет години, како и првиот двоен учинок со победи на домашен и на гостински терен по 1937 година, што звучи неверојатно. На Ливерпул сега им „гори под нозете“ и за местото во топ петте екипи во англиската Премиер лига, како и настапот во Лигата на шампионите за наредната сезона. Манчестер Сити продолжува во потрага по бодови за да ја стопи предноста од шест бода на Арсенал, кој е на врвот на табелата на четиринаесет кола до крај.
П.Д.
