Јунајтед по стабилност, Брентфорд сонува за Европа

Манчестер Јунајтед се враќа на најголемата европска сцена, среде неизвесноста за „Ѓаволите” – дали Мајкл Керик ќе ги води од клупата како трајно решение за наредната сезона, со габаритот од улогата „вршител на должност” од сезонава, по отказот на Аморим. Брентфорд игра одлична сезона и е на само неколку бода од местата што водат во европските натпреварувања – исход што никој не го очекуваше по заминувањето на Томас Франк. Сепак, Кит Ендрјус го донесе овој мал лондонски клуб на повисоко ниво од претходно и сега прашањето е: ќе успеат ли во последните неколку кола да стигнат до виза за Европа?!

Во натпревар во кој двете екипи излегоа со речиси иста формациска поставеност, но различни задачи на теренот – Брентфорд не се исплаши да напаѓа, а Јунајтед не дозволи изненадување. 4-2-3-1 беше определба и на Мајкл Керик и на Кит Ендрјус. Јунајтед се потпре на експлозивни контранапади, а Брентфорд во некои сегменти од натпреварот се обиде да се надигрува и да види до каде може, во дуелот против домаќинот.

Многу корнери во првото полувреме и на двете страни. Токму после еден ваков прекин поведоа Манчестер Јунајтед, со прецизно нафрлена топка од Бруно, која Мегваер ја проследи преку неколку играчи до петерецот, а оттаму Касемиро ја закова во мрежата.

Еден од највпечатливите дуели во првото полувреме беше помеѓу стоперот кај „Ѓаволите”, Хевен и напаѓачот кај гостите, Игор Тијаго.

Ниту едната ниту другата екипа не одиграа висок пресинг во дефанзивата. Брентфорд не се плашеше да креира и да комбинира со кратки пасови, но и долги попречни додавања. Во 42 минута ситуација 3 на 2, Бруно ја повлече контрата и ја изнесе топката до шеснаесетникот на гостите, а потоа Шешко силно пласираше во висина на главата на голманот Келехер. Удобна предност од 2:0 на полувремето.

Главните играчи и кај двата тима беа оние од средниот ред. Кај Јунајтед, Касемиро и Бруно, а кај Брентфорд Дамсгард и Јенсен. Но, со поразлични задачи. Јенсен и Дамсагард се обидуваа да го поврзат Тијаго со остатокот од екипата. Крилните играчи Оуатара и Шаде ефективно беа неутрализирани од бековите на Јунајтед. Касемиро и Бруно кај Јунајтед посебно се истакнаа во контрите и прекините. Бруно ги активираше Диало и Мбеумо, го поврзуваше Шешко во акциите на домаќинот. Пресинг-тригер во планот на Керик беа вратените топки кон голманот Келехер кај гостите, кај гостите, како и високите топки длабоко во половината на Јунајтед. Брентфорд, пак, се обиде да пресекува додавања и да не дозволи противникот да влезе во ритам.

Во второто полувреме се измени сликата на теренот, но не и исходот. Брентфорд ги консолидираа своите редови, се прегрупираа и одлучно тргнаа во напад. Менаџерот Кит Ендрјус ја искористи определбата на Мајкл Керик да игра попретпазливо во вторите 45 минути, со намера да го зачува водството. Јунајтед ја замени офанзивната иницијатива со стабилна и цврста игра во одбрана, редовите ги засилија Мазрауи, а подоцна и Јоро од клупата. Мегваер одигра солиден меч впарен со Хевен на стоперските позиции. Но, згуснатата централна зона отвори простор крилно, а Брентфорд токму оттаму беше најопасен во второто полувреме. Ги заменија додавањата и комбинациите од првото полувреме, со директна игра и центаршутеви во шеснаесетникот, а најмногу се истакна десното крило, Оуатара. Гол постигна играчот за врска Јенсен со пласиран шут надвор од шеснаесетникот, на само пет минути до крајот на мечот. Јунајтед во средниот ред засилен со Маунт на местото на Мбеумо, пресинг-тригерот сега го постави уште при изградбата на акциите на Брентфорд, со агресивна игра.

П.Д.