Фудбалска анализа со уреднички став. Структура. Контекст. Аргумент.

Мени
Почетна Анализи Ретро FPL Обложување За Контра Фаул Контакт

Пресвртите стануваат заштитен знак на Интер

До 90. минута изгледаше дека Фиорентина ќе си замине од Милано со победа која малкумина можеа да ја предвидат. Давид Де Геа бранеше речиси сè, дефанзивната линија преживуваше под огромен притисок, а спектакуларниот погодок на Алекс Хименез беше доволен за гостите да имаат предност од 0:1. Интер напаѓаше, погодуваше рамка од голот и постојано бараше начин да ја пробие одбраната, но времето полека истекуваше.
А потоа, за само неколку минути, се сруши сè што Фиорентина го градеше цел натпревар.

Интер конечно го совлада Де Геа во 91. минута, а кога веќе изгледаше дека гостите барем ќе спасат бод, Валдепењас направи непотребен прекршок врз Тирам за пенал. Зиелински ја презеде одговорноста и во 97. минута го комплетираше пресвртот.

Можеби начинот на кој дојде победата беше драматичен, но притисокот што ѝ претходеше не беше случаен. Интер речиси целиот натпревар го помина барајќи начин да ја отвори Фиорентина, а кога конечно се појави пукнатина, екипата на Киву ја искористи до крај.

Уште во почетните минути можеше да се претпостави како ќе изгледа натпреварот. Интер ја презеде топката и преку голем број комбинации се обидуваше постепено да ја поместува Фиорентина кон сопствениот шеснаесетник.

Гостите, сепак, не пристигнаа во Милано само за да се бранат. Во првиот дел се обидуваа со организиран притисок да ја нападнат почетната фаза на организација на Интер, а кога ќе ја освоeја топката, идејата беше преку додавања да излезат од сопствената половина наместо веднаш да го прескокнат средниот ред.

Проблемот беше што Интер релативно лесно го надминуваше првиот бран на притисок. Две или три брзи додавања честопати беа доволни за домаќините да стигнат до противничката половина. Оттаму, главната опасност доаѓаше преку ширината што ја обезбедуваа Диуф и Карлос Аугусто.
Аугусто имаше особено важна улога во отсуство на Димарко. Неговите постојани движења без топка го принудуваа Хименез да се враќа назад, а со Тирам создаваше една од најопасните комбинации на Интер. На спротивната страна Диуф исто така постојано ја растегнуваше последната линија.

Долго време, сепак, Фиорентина имаше одговор. Последната линија беше добро поставена и најголем дел од центаршутите на Интер завршуваа без конкретна опасност. Кога одбраната конечно ќе попуштеше, зад неа беше Де Геа. Најдобриот пример дојде по ударот со глава на Еспосито, кога Шпанецот со одлична интервенција практично ја извади топката од голот.

Во последните десетина минути од првиот дел притисокот веќе стана константен. Речиси целиот тим на Интер беше поставен на триесетина метри од голот на Фиорентина, а Тирам со својата физичка моќ и играта еден на еден создаваше сè повеќе проблеми.
Фиорентина го преживеа првиот дел. Но по паузата веќе речиси и да не можеше да излезе од сопствената половина.

Во првите 15 минути од второто полувреме Фиорентина практично не успеа да организира сериозен напад. Фаџоли и Ндур тешко се справуваа со притисокот во средината, додека Пелегрино беше целосно отсечен од остатокот од тимот.

Интер повторно напаѓаше преку Аугусто и Тирам, но Де Геа продолжуваше да победува во нивната индивидуална битка. Ваноли дополнително остана без Понгарчиќ, па мораше да интервенира и во дефанзивната линија која дотогаш функционираше исклучително добро. Киву, од друга страна, не ја менуваше основната поставеност. Бони го замени Еспосито, кој беше премногу отсечен и за еден час доби само една вистинска можност.

И токму во моментите кога изгледаше дека е прашање на време кога Интер ќе поведе, следуваше шок. Хименез, кој само неколку минути претходно изгледаше како да нема да може да го продолжи натпреварот поради повреда, доби топка на околу 25 метри од голот и со спектакуларен удар ја замолкна трибината. Фиорентина водеше 0:1 во период во кој речиси воопшто не напаѓаше.

Погодокот не го промени пристапот на Интер. Напротив, притисокот стана уште посилен. Чалханоглу се обидуваше од дистанца, Бони внесуваше свежина во нападот, Тирам постојано бараше дуели, а Аугусто двапати ја погоди рамката од голот. Во еден момент веќе не беше прашањето дали Интер создава доволно, туку дали воопшто ќе успее да го совлада неверојатниот Де Геа.

Ваноли реагираше со промени. Ја освежи десната страна, потоа и средината, а во завршницата преку Бето и Жоао Марио се обиде да добие играчи кои ќе можат да задржат некоја топка и барем накратко да го оддалечат Интер од сопствениот гол.

Но Фиорентина веќе беше предлабоко поставена. Во моментите кога Интер напаѓаше, сите единаесет играчи на гостите беа зад топката. Контранападите и долгите додавања останаа практично единствениот начин за излегување, додека домаќините пробуваа од сите позиции – централно преку Барела и Зиелински, а по страните преку Диуф и влезениот Димарко.

Фиорентина издржа речиси сè. Одличната организација, жртвата на целиот тим и пред сè Де Геа ја држеа на неколку минути од огромна победа. Но таквиот начин на бранење остава многу мал простор за грешка.
Интер конечно го пронајде израмнувањето во 91. минута и во тој момент целата психологија на натпреварот се промени. Домаќините почувствуваа дека можат да стигнат и до втор погодок, додека Фиорентина одеднаш требаше да преживее уште неколку минути откако веќе мислеше дека најтешкото поминало. Не успеа.

Непотребното влечење на Валдепењас врз Тирам беше грешката што Фиорентина цел натпревар се обидуваше да ја избегне. Пенал во последните секунди и можност за Зиелински да го заврши она што Интер го започна многу порано. Неговиот удар во 97. минута значеше целосен пресврт.

За Фиорентина ова ќе биде еден од оние порази што тешко се забораваат. Деведесет минути дисциплина, одличен Де Геа и водство на „Џузепе Меаца“ исчезнаа за само неколку минути. За Интер, пак, ова е уште еден доказ за карактерот на екипата. Од 22 освоени бодови, дури 13 дојдоа по пресврт. Кога такво нешто ќе се повтори толку многу пати, тешко може да се зборува само за среќа